Истражувањата во Велика Британија, Израел и Русија покажале дека меѓу заразените со новиот позаразен сој има и веќе вакцинирани. Позитивно е што и при заразувањето кај вакцинираните нема тешки состојби, хоспитализации или смртен исход
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека и целосно вакциниранита лица треба да продолжат да бидат соодветно претпазливи и да ги почитуваат мерките за физичка дистанца и носење маска, бидејќи многу заразната варијанта на коронавирусот делта станува сè подоминантна во светот и предизвикува пораст на заразените дури и во земјите со висок процент на вакцинирано население.
Делта-сојот, која за прв пат беше идентификуван во Индија и е позаразен од сите претходни соеви, сега е откриен кај приближно 10% од заразените во САД од 5 јуни наваму и предизвика нови епидемии на ковид-19 во земји како Велика Британија, Австралија и Израел.
Израел и вакцинираните со „Фајзер“
Околу половина од возрасните заразени со варијантата Делта во Израел се целосно вакцинирани со вакцината „Фајзер“, покажуваат прелиминарните резултати од испитувањата во оваа земја, која од минатата недела повторно ги воведе маските како мерка на заштита.
Прелиминарните откритија на израелските здравствени власти сугерираат дека околу 90% од новите инфекции најверојатно биле предизвикани од варијантата делта, вели Ран Балицер, кој предводи стручен советодавен панел за ковид-19. Околу половина од заразените се деца под 16 години, од кои повеќето не биле вакцинирани.
Владата оваа недела ја прошири својата кампања за вакцинација, вклучително и сите деца од 12 до 15 години, по скокот на инфекции кај ученици во град во централен Израел. Оттогаш тој брзо се шири географски и кај другите групи на население.
Бројот на случаи во Израел е релативно низок според глобалните стандарди. Но, новите случаи на ковид-19 се искачија на над 200 во четвртокот од околу 10 на ден во поголемиот дел од јуни.
Овие случаи, имале позитивни резултати од тестот за ковид-19 најмалку две недели откако ја примиле последна доза на вакцина. Според Балицер, ова е очекувано бидејќи вакцината „Фајзер“ е многу ефикасна, но не 100%.
Израелските здравствени власти се оптимисти дека дури и ако варијантата се прошири, врз основа на искуствата од Британија, вакцината ќе спречи зголемување на хоспитализации кои беа товар за здравствениот систем во претходните месеци. Израел забележал само пет тешки случаи во изминатите 10 дена, но дали ќе се појават уште, многу е рано да се каже.
Израел беше ран тест случај за ефикасноста на вакцината по епидемиите минатата година, откако во еден момент и имаше една од највисоките стапки на инфекции по глава на жител во светот. Од почетокот на пандемијата, 840 522 од 9,3 милиони граѓани на земјата се заразени, од кои 6 429 починаа.
Израелските здравствени власти соопштија дека многу заразниот вид најверојатно влегол во земјата преку нејзиниот главен меѓународен аеродром, во близина на Тел Авив, каде системот што требаше да го провери секое ново пристигнување преку тестирање беше преоптоварен во последните денови, поради напливот на пристигнувања од странство.
Трета доза „Астра Зенека“
Студија на Универзитетот Оксфорд открива дека давањето трета доза вакцина „Астра Зенека“ на луѓето шест или повеќе месеци по примањето на втора доза доведува до значително зголемување на антителата и ја зголемува способноста на Т-клетките на организмот да се борат со коронавирусот, вклучувајќи ги и неговите варијанти.
Професорот Сер Ендру Полард, раководител на групата за вакцини во Оксфорд, вели дека сè уште не е познато дали наесен ќе треба да се даде дополнителна доза, но новите податоци покажуваат дека постојната вакцина може да биде ефективна.
Тој рече дека реалните податоци од јавното здравство на Англија (PHE) веќе покажаа дека две дози нудат добра заштита, заразениот да не заврши во болница или од смрт, од афрканската и индиската варијанта.
„Дополнителната доза многу повеќе е наменета ако заштитата се изгуби со текот на времето – и ние не го знаеме тоа – но ако се случи, дали можете да зајакнете? Одговорот што го добивме од податоците е да, може“,
вели Полард.
Тој смета дека експертите „ очекуваат да започне да опаѓа имунитетот со текот на времето, бидејќи тоа навистина се случува“, но нема да се врати „на нула“.
„Спутник лајт“ како засилувач за вакцинираните
Русија пред неколку дена соопшти дека ја пушта за користење својата четврта вакцина против ковид-19, „спутник лајт“, објави весникот „Комерсант“.
„Спутник лајт“ всушност ја користи само првата доза од водечката руска вакцина „спутник В“, која се дава во две дози во период од 21 ден.
Одлуката за одобрување и воведување на вакцината „спутник лајт“ се водеше од фактот дека првата компонента на стандардната вакцина е произведена во значително поголеми количества од втората доза, соопшти „Комерсант“, цитирајќи извори од владата.
„Спутник лајт“ ќе се користи како засилувач за Русите кои беа вакцинирани со првите две дози пред шест или повеќе месеци, соопштија официјални лица.