Во коja насокa одат размислувањата за вакцинација на деца; дали делта-сојот е опасен за оние кои веќе биле инфицирани или се вакцинирале; кога треба да се вакцинираат оние кои веќе прележале ковид-19… ова се дел од прашањата на кои денеска дискутираа Филипче, Грозданова, Петличковски и Даниловски
Доколку ситуацијата со ковид-19 продолжи со моменталните трендови, земјава би можела да прогласи крај на епидемијата во август или во почетокот на септември. Меѓутоа, дали тоа ќе се случи не може да се превиди. Тука е делта-сојот што се појави во Индија, кој е многу позаразен од британскиот или официјално наречен алфа-сој. За него сè уште има многу неодговорени прашања, но она што е дел од првичните сознанија е дека оваа варијанта на коронавирусот го крена прагот на потребен процент вакцинирани граѓани за да може да се каже дека е постигнат колективен имунитет.
Ова се дел од информациите кои беа изнесени на денешната панел-дискусија во која учествуваа министерот за здравство, Венко Филипче, националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова, директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски и епидемиологот Драган Даниловски.
Што треба за да се прогласи крај на епидемијата?
За да се прогласи крај на една епидемија, како што рече министерот Филипче во дебатата, треба да имаме два репродуктивни циклуси од по 14 дена во кои нема регистрирано нови случаи.
И епидемиологот Даниловски гледа позитивно на моментална епидемиолошка состојба нарекувајќи ја „неочекувано извонредно поволна“. Ваквата оценка тој ја дава врз основа на моменталните објективни показатели, а тоа се, како што рече, 14-дневната инциденција односно малиот број на случаи на 100 000 жители кој кај нас последните 3-4 дена изнесува седум.
„Според Европскиот центар за контрола на болести, 14-дневна инциденција на 20 случаи на 100 000 жители е граница под која се прогласува најниско или најповолно ниво на епидемиолошките ризици. Има уште еден параметар. Тоа е процентот на позитивни случаи од сите земени тестови, што ако две недели се држи под три отсто исто така се прогласува т.н. зелена зона во однос на епидемиолошките ризици. Кај нас повеќе од две недели тој процент се движи под 1 отсто, а последните денови е и под 0,3 отсто. Тоа е нешто што јас би го сместил во доменот на статистичка грешка или со други зборови ние практично немаме вирус во циркулација и тоа е така за овој алфа-типот кој сè уште е актуелен кај нас. Индискиот тип или делта-варијантата е сосема друга приказна“,
вели Даниловски.
Во ваква ситуација, вели тој, нема потреба од рестрикции освен што останува личната одговорност и здравиот разум да се носи маска на затворено. Маските на затворени, нагласува епидемиологот, ќе нема потреба да носиме кога 28 дена по ред ќе нема ниту еден случај, што би можело да се случи во август.
Поради индискиот сој за колективен имунитет потребен е поголем процент на вакцинирани
Како што рече Даниловски, ова се однесува на актуелната ситуација со ковид-19, односно во состојба во која кај нас доминираше британскиот или официјално наречен алфа-сој. Делта-сојот го има во повеќе од 90 земји и според епидемиологот, веројатно не може да се избегне.
Она што се знае за оваа варијанта на коронавирусот е дека е позаразна, но и оти за да се постигне колективен имунитет „благодарение“ на нејзините карактеристики сега е потребно да бидат вакцинирани поголем процент од граѓаните.
„Делта-варијантата е толку продорна, толку е заразна што е потребен праг на колективниот имунитет помеѓу 80-85 отсто за да може да се смета на многу мал ризик за епидемиско ширење. Добра вест во целата приказна е што и природниот имунитет од прележување и тој што се развива од вакцините, некој повеќе некој помалку, штити и од индискиот сој“,
вели епидемиологот додавајќи дека е ирелевантно со која вакцина ќе се имунизираме.
Истиот аспект за делта-сојот го посочи и министерот Филипче, повикувајќи се на американскиот експерт Ентони Фаучи.
„Го следевме доктор Фаучи од Америка пред некој ден. Наспроти првичните очекувања дека ќе се вакцинираат помеѓу 65-70 проценти, што беа предвидувања кога немаше ваква варијанта многу попренослива како што е индискиот сој, но сега процентот порасна. Што предизвикува мутација, зошто се случува во некои земји во некои не, зошто е негде силен бранот или не, е тешко да се каже или е во делот на претпоставката. Дали се менува како резултат на некои влијанија од надворешната средина при трансмисијата, како влијание на УВ зрачење, влага, полен или не, или едноставно е тип на вирус кој кога ќе наиде на бариера мутира, е тешко да се каже. Зошто во Индија имаше толку силен бран? Исто така е тешко е да се претпостави, но една од претпоставките е дека беше дури и задоцнето со некои општи препораки за превенција“,
рече Филипче.
За тоа како да се справиме со делта-сојот одговорите на сите денешни панелисти се речиси идентични: потребно е да се вакцинираме.
„Би требало да учиме на туѓите и сопствените искуства и да се постапиме проактивно во однос на заканите. Тоа значи дека од една страна треба да работиме на ниво на заштита на јавно здравје и на индивидуално здравје. Јавното здравје го штитиме со вакцинација, нема друго освен што помасовно населението да се опфати со вакцина. Со две дози на вакцина! Гледаме што се случува во Израел, тие беа шампиони во вакцинација и сега се соочуваат со пораст затоа што од 9,3 милиони население испадна дека со две дози имаат вакцинирано 55 отсто“,
вели Даниловски.
Како до поголем процент на вакцинирани: Треба да се вакцинираат и адолесцентите
Заклучно со викендов, во земјава се вакцинирани околу 300 000 граѓани, од кои околу 215 000 се ревакцинирани. Вакцини чекаат околу 140 000 пријавени, а по пристигнувањето на вакцините од „Фајзер“ и „Синовак“, дневно термини ќе добиваат 10-15 000 граѓани. Очекувањата се кон средината на јули да се достигне бројка од половина милион вакцинирани.
Министерот Филипче вели дека не го загрижува функционирањето на системот, туку она што очекува е да се зголеми интересот за вакцинација за да може да се постигне колективен имунитет. (Не)заинтересираноста за вакцина, вели тој, досега е иста и во поголемите и во помалите градови. И покрај летните месеци, вакциналните пунктови и спортските сали каде се спроведува масовната имунизација ќе останат отворени, а кон средината или во втората половина на јули ќе започне и теренска имунизација што ќе значи дека лекарски тимови со возила во кои ќе има и фрижидери за чување на вакцините, ќе одат во руралните и пооддалечените места за да може и оние кои живеат таму да се вакцинираат.
Националната координаторка Грозданова, пак, посочи дека за да се достигнат 80 проценти сега многу посериозно се размислува да се вакцинираат адолесценти односно лица над 16 години.
„Препораката од СЗО е, вакцинацијата на деца да биде второстепена, имајќи предвид дека сè уште не само кај нас туку и на светско ниво достапноста на вакцини не е доволна за да се обезбеди покриеност на постарата популација. Односно, ако се размислува за вакцинација на деца приоритет да се даде на тие кои имаат хронични болести и други состојби кои би можеле да доведат до сериозни компликации. Во однос на вакцинацијата на адолесцентите, над 16 односно 18 години, многу посериозно се размислува се со цел да се постигне бројката од 80 проценти вакцинирани бидејќи ако не ја покриете оваа популација не може да разговарате за вакцинирана популација од 80 проценти“,
рече Грозданова.
На истата тема доктор Петличковски излезе со став дека доколку има доволно вакцини, тогаш треба да се имунизираат и децата.
„Генерално мислам дека вакцинирањето на децата е исправно бидејќи остава еден празен простор во кој вирусот може да се рашири и евентуално пак да биде закана и за вакцинираното население“,
рече тој.
Дали делта-мутацијата е опасна за прележаните и вакцинираните?
Уште едно прашање кое се отвори на панел-дискусијата е што покажуваат студиите, колку од лицата кои го прележале британскиот сој и од оние кои се вакцинирани се заразиле и со делта-сојот.
Докторот Петличковски нагласува дека не видел сериозни студии кои ќе кажат колку од прележаните и вакцинираните се заразиле, но за очекување е тоа да биде мал процент.
„Немам конкретен податок, за очекување е мал процент од оние кои ја имаат поминато првата варијанта, да се заразат со новата варијанта бидејќи од оние студии кои се достапни на мал број испитаници, е јасно дека стекнатиот имунитет со прележување или вакцинирање е прилично ефикасен и за делта-варијантата. Сега ефикасноста може да се мери на неколку ниво: прво е инфективност на делта-варијантата кон прележани или имунизирани, друго е тешка болест, трето е исход и слично. Веројатно, тоа важеше и за претходните варијанти, е можно човек да се инфицира или барем да се колонизира со вирус иако ја има поминато болеста. Но, тоа детектирање на вирусот во носната шуплина и дишните патишта не може веднаш да го крстиме како болест, бидејќи укажува само на физичко присуство на вирусот“,
вели Петличковски.
Даниловски, пак, нагласува дека искуствата со делта-варијантата во Велика Британија и, најново, сега во Израел е дека 95 проценти од заболените се од категоријата невакцинирани или вакцинирани со една доза.
„И оние кои се вакцинирани со две дози, не дека се 100 посто заштитени и од нив може некој да се зарази“,
вели епидемиологот, но нагласува дека сепак вакцините нема да дозволат тешки симптоми и, што е најважно, смрт.
Треба ли трета доза и кога треба да се вакцинираат прележаните?
На прашањето дали е потребна трета доза, министерот Филипче, нагласува дека засега нема официјални ставови дека треба да се прими трета доза од која било вакцина бидејќи дури и во момент кога доаѓа до намалување на антителата, останува друга форма на имунитет т.н. клеточен имунитет.
„Како ќе се одвива ситуацијата понатаму, дали ќе премине во некоја форма на сезонска вакцина, од некоја поливалентна вакцина, сега навистина не можеме да кажеме. Сè уште е рано, нема точни студии, треба да се прават сериозни анализи
вели Филипче.
Дали, пак, е потребно оние кои прележале ковид-19 да се вакцинираат? Националната координаторка Грозданова посочува дека се потврдило оти кај овие лица се создава имунитет за најмалку 6 месеци. Официјалната препорака на здравствените власти, нагласува таа, е дека лицата кои имаат прележано ковид-19 треба да се вакцинираат најмногу 3 месеци по прележувањето и оздравувањето.