Куманово е градот со најмногу починати од коронавирус во земјава. Со вчерашните два смртни случаи од ковид-19, на 27-годишна родилка и 73-годишно лице, овој град има 8 од вкупно 30 жртви во земјава.
Втор град, според бројот на жртви, е Струга со 6, по што следуваат Скопје, Тетово и Дебар со по 4. На листата се уште и Велес, Штип и Кочани од каде што потекнуваат по еден починат. Еден смртен случај има и во Кавадарци, кој влегува во домашната статистика, иако станува збор за државјанин на Албанија кој бил ангажиран како градежен работник во градот.
Од табелата е очигледно дека бројот на починати не кореспондира со бројот на население, односно дека во одредени градови ковид-19 е поголем проблем отколку во други. Затоа, го споредивме бројот на починати со бројот на заразени во тие градови, но повторно се појавија големи разлики.
На територијата на цела држава, процентот на смртност е 4,86%, што грубо значи дека од секои 100 заболени, 5 ќе починат. Но, по градови, има големи отстапувања.
Иако процентот на починати е највисок во Кавадарци – 33,3%, бројката не е релевантен показател. Причината е што во градот има само 3 потврдени случаи на ковид-19, па едниот смртен случај лесно ја „искривува“ сликата.
Струга е втора на листата, каде што смртноста од ковид-19 е 21,43%. Таму процентот на починати од вкупно заболените е загрижувачки висок, имајќи предвид дека градот веќе има значителен број потврдени случаи – 28. Од градовите со над 20 регистрирани случаи на ковид-19, смртноста од коронавирусот кај тетовци е 13,79%, кај дебрани 8,16%, кај кумановци 6,15%, кај штипјани 5% и само 1,53% кај скопјани, каде што има и најголем број на регистрирани заболени.
Прилеп е единствениот град со значителен број на заболени – 38, од каде што засега нема починат.
*поврзана вест Стапката на смртност од коронавирус во Македонија е 4,86%, во Италија 12,7%, а во Германија 1,91%