Ова не е дело на народот, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку на полициските инсталации на власта кои со предизвикување на инциденти и ескалација, сакаат на брзина да им помине предавството
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денес се амнестираше себеси од вчерашните настани пред Собранието. Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на прес конференција рече дека вчерашното насилство пред Собрание е дело на полициски инсталации.
„Насилството пред Собранието е дело на полициските инсталации на СДСМ и Оливер Спасовски. Ова не е дело на народот, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку на полициските инсталации на власта кои со предизвикување на инциденти и ескалација, сакаат на брзина да им помине предавството. Ова впрочем, вчера и го најави Ковачевски кој јавно го соопшти вчерашното сценарио за насилство“
рече Ковачки.
Пионот Ковачевски, додаде тој, треба да и одговори на македонската јавност дали позади уфрлените лица за насилство стојат Спасовски и Зечевиќ. Очигледно е дека не ги бива за работа, но затоа за местенки и саботажи се експерти.
Ковачки побара од Ковачевски и СДСМ да одговорат на прашањата:
1. Од каде им се на лицата со фантомки шок-бомби што беа фрлани накај Собранието?
2. Чиј магацин пред месец дена во среде касарна во Охрид беше опљачкан и беа украдени шок бомби?
3. Кој правеше вежби на 7 мај со уфрлени инфилтратори за протести?
4. Од каде знаеја Спасовски и Ковачевски дека најавените протести ќе бидат насилни и кои беа лицата кои ја дочекаа колоната народ од пред МНР што се движеше кон Собранието?
5. Врз основа на кој член од Закон или Правилник, полицијата удира клоци на рбет на легнат човек на земја?
6. Врз основа на кој член од Закон или Правилник, полицијата апси малолетно лице, го носи со лисици на раце, го става во полициско комбе и го носи во станица?
7. Откако веќе инфилтраторите си ја завршија работата и се повлекоа, кој одобри употреба за несразмерна сила од страна на полицијата врз голораките момчиња?
„Одговорност мора да има за Оливер Спасовски. Одговорност мора да има и за службениците што ги пречекорија своите овластувања. Откако власта виде дека граѓаните, десетици и десетици илјади мирно и достоинствено кажаа не, без ниту еден отпушок или навреда кон полицијата, почнаа да смислуваат, а сега веќе и да спроведуваат сценарија со провокатори“,
нагласи Ковачки.
Тој повика граѓаните и денес во 19 часот повторно да се соберат пред платото на Владата.