Премиерот кажа дека процесот на скрининг ќе се заврши во рокот од 14 месеци и дека со тоа останува уште еден чекор, а тоа се уставните измени за кои е уверен дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата
Процесот на преговори за тргање на ветото и почеток на преговорите беше тежок, но успеавме да се избориме за заштита на македонскиот јазик и индентитет, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со државната секретарка за Европа на Франција, Лоранс Бун, при што побара пратениците да покажат државничко однесување за носење на уставните измени.
„Успеавме да се избориме за заштита на македонскиот јазик, идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти, а не политичари и успеавме да ги одблокираме сите процеси кои не кочеа толку долго време. Успеавме реално да отпочнеме со реална трансформација во општество преку скрининг процесот на кој сме посветени да го завршиме во рокот што го зададовме на почетокот. Македонскиот тим е подготвен, има експертиза, знаење и ќе го заврши скринингот во планираниот рок од 14 месеци. И ние и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања. Останува следниот чекор – уставните измени кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Знам дека нивната одлука не е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување и ќе овозможат земјата да се движи заврзано по европскиот пат“,
рече премиерот.
Пратениците, додаде тој, имаат избор и да остават се како што е и со тоа да ја остават и земјава во стагнација и неизвесност. Но, како што вели, уверен е дека ќе бидат на ниво на задачата и ќе овозможат подобра иднина за идните генерации.
„Пратениците се сепак и пред сè претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ, но не само заради членството само по себе туку заради подобар животен стандард, владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда и владеење на демократијата, заради подобар живот по европски стандарди …“,
рече Ковачевски.
Дека патот мора се изоди до крај, на прес-конференцијата порача и Бун, која исто така посочи и оти целта земјава да стане членка на ЕУ до 2030 е амбициозна, но не и нереална.