Премиерот изрази сочувство, во свое и во име на Владата, за масовното убиство што рано утринава се случи во основно училиште во центарот на Белград велејќи дека нема зборови кои можат да ја надоместат болката на оние што денеска загубија свои блиски
Премиерот Димитар Ковачевски денеска преку објава на социјалните медиуми, во свое и во име на Владата, изрази сочувство до блиските на починатите во денешниот масакр во основно училиште во Белград, во кој животите ги загубија девет лица, од кои осум се деца.
„Трагична вест од Белград, нема зборови кои ќе ја надоместат болката и тагата на оние кои денеска изгубија свои блиски. Нашите мисли се со српскиот народ и семејствата на починатите и повредените, со надеж за брзо закрепнување“,
пишува Ковачевски во објавата на Фејсбук.
Трагичниот настан во кој загинаа девет лица се случи утрово околу 8 часот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската општина Врачар кога 14-годишен ученик влегол вооружен во училиштето. Кога влегол во објектот, прво почнал да пука кон човекот од обезбедувањето, а потоа се упатил во училница во која знаел дека се наоѓа наставничката по историја и почнал да пука кон неа и кон учениците.
Во несреќата починаа осум ученици, од кои пет се родени во 2009, едно во 2010, а едно 2011 година. Меѓу деветтемина починати е и чуварот на училиштето.
Наставничката по историја и неколкумина други се повредени и се пренесени в болница.
На вонредна прес-конференција началникот на белградската полиција соопшти дека нападот бил однапред испланиран, а дека во домот на 14-годишното момче биле пронајдени список на лица и скица од училиштето. Откако пукал, малолетникот самиот се пријавил во полиција.
- Момчето само се јавило во полиција и пријавило дека пукало, имало список и план, објави српското МВР
Мотивот за нападот засега не е познат.
Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Мајка на ученичка по масакрот во Белград: Моето дете е уште во шок, под адреналин, не можеме да го смириме
- Видов како чуварот паѓа на под, почнав да трчам – исповед на девојче што било сведок на пукањето во училиштето во Белград
- (ВИДЕО) Во пукањето во училиште во Белград убиени осум деца и чуварот – насобраните родители не можат да дојдат до децата
- (ФОТО+ВИДЕО) Со црна јакна на главата, полицијата го спроведе ученикот што пукаше во школо во Белград
- Познат идентитетот на убиецот од Врачар: Коста Кецмановиќ, кој уби најмалку шест соученици, учествувал на многу училишни натпревари
- Шестмина починати во пукањето во училиштето во Белград, учениците во шок: Сите почнаа да викаат, настана паника
- Малолетник влегол во училиште во Белград и почнал да пука, има починати и повредени