Оттаму нагласуваат дека победата во Брисел ја извојувале со Преговарачката рамка во која е наведен македонскиот јазик, како и со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС на чист, единствен и признаен македонски јазик – без никакви придавки, фусноти и ѕвездички

Најголем непријател на македонскиот јазик, култура и идентитет е Христијан Мицкоски, реагираат од опозицискиот СДСМ откако од Бугарија стигнаа најави дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.
„Заради теснополитички интереси, тој одново ја отвори дебатата за македонскиот јазик во Европскиот парламент – прашање што беше затворено, а јазикот дефиниран како единствен македонски јазик на македонскиот народ. Мицкоски не може да впери прст кон никого за поразот што Македонија повторно го доживува во Брисел. Токму тој и неговиот пријател Андреј Ковачев, со кого заеднички работат на блокирање на европската перспектива на македонските граѓани, се виновни за оваа состојба“,
велат од СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека победата во Брисел ја извојувале со Преговарачката рамка во која е наведен македонскиот јазик, како и со потпишувањето на Договорот за ФРОНТЕКС на чист, единствен и признаен македонски јазик – без никакви придавки, фусноти и ѕвездички.
„Тоа беше јасна победа за Македонија и за граѓаните, која Мицкоски никогаш не ја призна. Тој беше разочаран, молчеше и не се радуваше – сега е јасно зошто. Во услови кога нема со што да се пофали по една година власт, Мицкоски реши победата да ја претвори во пораз, воден од лични интереси и потреба за политичка кампања. За жал, ваквото врховистичко однесување на Мицкоски, потпомогнато од Андреј Ковачев и пратениците на ЕПП во Европскиот парламент, доведе до тоа повторно да ѝ се оспорува на Македонија идентитетот и јазикот. Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата и самоволието, киднапирајќи ја европската иднина на државата. Мицкоски треба веднаш да се извини пред македонскиот народ за лажните ветувања и да сноси политичка одговорност за тоа што го избриша македонскиот јазик од извештајот на Европскиот парламент“,
децидни се од СДСМ.
Коментирајќи ги најавите на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека на талибански начин се бришат македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот.
„Тоа дочекавме како народ во 21 век. Ете тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“,
рече Мицкоски.