Ковачевски со амбасадорот зборувал и за разговорите со Бугарија за кои посочил дека тие се водат по принципот на почитување на спротивната страна и достоинството на граѓаните во двете држави
Чешката Република го поддржува европскиот пат на Северна Македонија и нашата држава ќе ја има поддршката и понатаму, посебно што оваа земја ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ од Франција на 1 јули годинава.
Ова денеска било пренесено на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со новоименуваниот амбасадор на Чешка во земјава, Јарослав Лудва.
Како што соопштија од Владата, тие на средбата оцениле дека Северна Македонија има геостратешко значење и дека Европа е безбедна со интеграција на нашата држава и на целиот регион во ЕУ.
Ковачевски со амбасадорот зборувал и за разговорите со Бугарија за кои посочил дека тие се водат по принципот на почитување на спротивната страна.
„Се определивме да работиме низ отворена и чесна комуникација во дијалогот со Република Бугарија. Новата енергија во разговорите е препознаена и во државите и во ЕУ. Продолжуваме да работиме исклучиво по принципот на почитување на другиот, на сочувување на достоинството на граѓаните на двете држави и во духот на европските вредности“,
рекол Ковачевски.
На средбата станало збор и за иницијативата Отворен Балкан кон која се гледа како еден од чекорите кон ЕУ, кој води кон унапредување на односите помеѓу државите во регионот.
„На состанокот е заеднички констатирано дека постојат можности за унапредување на добрата соработка меѓу Северна Македонија и Чешката Република во повеќе области, како што се економијата и одбраната, а премиерот Ковачевски изрази благодарност за поддршката од Чешката Република во рамки на европската гранична служба Фронтекс“,
додаваат од Владата.