На средбата на Ковачевски со Штајнмајер констатирано е дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени се во насока на обезбедување на европска иднина на граѓаните
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и на средбата изразија заемно задоволство од одличните билатерални односи помеѓу двете земји, кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години, како и од силната поддршка која Северна Македонија ја добива од Сојузна Република Германија за евроатлантската интеграција. Северна Македонија нема друга алтернатива освен европската, нагласено е на средбата.
Претседателот Штајнмајер изјавил дека Германија сака да ја види Северна Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување на реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности.
„На средбата заеднички е констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени се во насока на обезбедување на европска иднина на граѓаните. Покрај сојузништвото и партнерството во НАТО, ООН и ОБСЕ, Германија оваа година имаше и успешна улога во Берлинскиот процес кој резултираше со три потпишани договори за меѓусебно признавање на академските квалификации/дипломи, професионалните квалификации и патните исправи. Сојузништвото и сплотеноста се особено видливи во усогласеноста со ЕУ и како НАТО сојузници во поддршката за Украина“,
се наведува во владиното соопштение.
Денешната посета е потврда на пријателството и соработката. Блиските релации на двете земји се потврдуваат и преку економската соработка. Германија е прв и најголем економски партнер на Северна Македонија, која околу 45 отсто од целокупниот извоз го извезува во Германија. Околу 200 компании во Северна Македонија се германски компании меѓу кои и WPD која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електро-централа со моќност од 415КВ во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори.
Во рамки на посетата на Претседателот на Сојузна Република Германија Штајнмајер, се одржа и билатерална средба на двете делегации во Владата на Република Северна Македонија. На билатералната средба од страна на владината делегација присуствуваа и првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија, Крешник Бектеши.