„Јас не сум човек којшто ќе прави сензационализам со излегување на владина прес-конференција и ќе чита списоци на луѓе коишто ќе бидат менувани“, рече премиерот Ковачевски на новинарско прашање за смените во институциите со долгови за сметки за струја кон ЕВН
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција не кажа кои се разрешените директори кои во рамките на државните институции направиле долгови кон ЕВН со неплаќање на сметките за струја. Премиерот одби да ги каже имињата на лицата и институциите од кои тие доаѓаат, оти, како што рече, тоа се пред се, професионалци со интегритет.
„Јас не сум човек којшто ќе прави сензационализам со излегување на владина прес-конференција и ќе чита списоци на луѓе коишто ќе бидат менувани. Нема да посочувам со прст на луѓе коишто имаат свој професионален интегритет за да може од тоа да правиме вести, бидејќи секој професионалец којшто извршува каква било професионална функција заслужува да биде третиран согласно стандардите за етичко однесување на неговиот претпоставен, а јас сум претпоставен на тие коишто се наоѓаат на раководни позиции во трговски друштва, јавни претпријатија итн“,
рече премиерот и додаде дека тој не толерира неизвршување на обврските и оти сака да ја унапреди ефикасноста на секоја институција.
Ковачевски додаде дека сите смени во институциите коишто се досега направени се базираат на одлуките кои произлегуваат од евалуацијата од Комисијата за економски систем врз основа на оперативни и финансиски извештаи. Такви одлуки, нагласи тој, имало во минатото и тие биле комуницирани преку соопштенија на Владата веднаш после владината седница до сите медиуми и јавноста е информирана.
„Евалуацијата на работата на раководствата на институциите ќе продолжи и понатаму секој квартал и ќе има именување на нови и разрешување на постојни раководители на кое било ниво на управување каде што сметаат дека може да се унапреди работењето на институцијата во оперативна и во финансиска смисла“,
додаде Ковачевски.
Подвлече дека разрешувањата секогаш се со одлука од Влада и врз основа на квартални извештаи од финансиското работење на дадена институција.
Вчера, Ковачевски изјави дека дел од директорите во институциите кои му должат на ЕВН се сменети, но тој тоа не го правел, како што кажа, помпезно како некои премиери претходно.
Вчера беше исклучена струјата на „ЖРСМ – транспорт“ АД во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес, поради долг за електрична енергија кон „ЕВН Македонија“. По неколку часа откако беа исклучени, државна компанија „Железници – транспорт“ повторно доби струја.
Исклучувањето на струјата во „Железници“ дојде откако ЕВН има даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „Железници – транспорт“ и други.