Премиерот и вицепремиерот уверуваат дека долгот што Клиничкиот центар го има кон ЕВН ќе биде намирен, но треба пратениците и Собранието да бидат експедитивни и да гласаат за пренамена на средства за да се покријат заостанатите сметки за струја на државните институции
Премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска од две различни локации дадоа ист одговор дека долгот за струја што Клинички центар го има кон ЕВН ќе биде подмирен.
Битиќи на прашањето дали Владата ќе го подмири долгот и дека роковите одминуваат, Битиќи прво праша кои рокови, а потоа додаде дека има пренамена и средства и дека долгот ќе биде подмирен.
„Затоа рековме дека кога премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии ќе кажат дека ќе платат долгови кон ЕВН тоа е сосема доволно за било кој економски оператор да сфати дека тоа е Влада и држава и дека не треба никаквава друга гаранција“,
додаде Битиќи нагласувајќи дека обврската онолку колку што може ќе биде подмирена штом помине пренамената во буџетот.
Битиќи додаде дека не е вистина дека институциите со години не плаќале струја туку дека имале тешкотии во плаќањето поради промената и енергетската криза.
„Буџетските средства биле планирани. Толку колку што имале во буџетот си плаќале, но разликата во цената која е појавена заради зголемувањето на цената и енергетската криза секако не можеле да го подмират. Ние тоа го правиме. Им кажавме дека соодветно ќе одговориме и дека ќе бидат платени. Секако тоа се јавни претријатија, во државна сопственост, долговите државата не вели дека нема да бидат исплатени“,
додаде Битиќи во изјава по одржувањето на Форумот за филантропија.
И премиерот Димитар Ковачевски денеска од прес-конференција уверува дека во Клинички центар нема да биде исклучена струјата
Ковачевски кажа дека се надева оти пратениците и Собранието ќе бидат експедитивни и ќе гласаат за пренамена на средства за да се покријат заостанатите сметки за струја на државните институции.
„Со последната прераспределба на Буџетот, Владата предвиде средства. Таа е доставена до Собранието, и штом тоа направи прераспределба на средства бидејќи за тоа е задолжено Собранието, тогаш соодветните ставки на Буџетот ќе можат да бидат финансирани и да се платат сметките на должниците. Тука вие прашавте за Клиничкиот центар и за другите институции во Министерството за здравство, како и за Железници. Штом ќе биде одобрена прераспределбата во Собранието тогаш веднаш ќе може да бидат платени и сметките од страна на Владата“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Според него, дел од институциите реално имаат проблем со плаќање на струјата бидејќи цената се зголеми за десетпати, а влијание имала и ковид-кризата. Дел од директорите во институциите се сменети, вели Ковачевски, но тој тоа не го правел, како што кажа, помпезно како некои премиери претходно.
Претпладнево беше исклучена струјата на „ЖРСМ – транспорт“ АД во депото во Лисиче во Скопје и во објектите во Велес, поради долг за електрична енергија кон „ЕВН Македонија“. Според последните информации, „ЕВН Македонија“ побарува од „ЖРСМ – транспорт“ над 400 милиони денари за електрична енергија.
ЕВН им даде рок до 15 овој месец на повеќе институции да го платат долгот за потрошена електрична енергија, меѓу кои се и Клиничкиот центар и „ЖРСМ – транспорт“ и други.