„Спасувачките екипи ќе работат без прекин додека не се расчистат сите урнатини. За жал, можеби ќе бидат пронајдени повеќе жртви“, вели шефот на воената администрација на Киев

Бројот на жртви во рускиот напад врз Киев се искачи на 30 откако спасувачите извлекоа уште три тела од урнатините на станбена зграда во областа Дарнички. Државната служба за вонредни ситуации на Украина потврди зголемување на бројот на жртви, а операциите за спасување продолжуваат еден ден по нападот.
Шефот на воената администрација на главниот град, Тимур Ткаченко, претходно изјави дека 91 лице се повредени.
Тој предупреди дека бројот на жртви веројатно ќе се зголеми додека спасувачките екипи пребаруваат низ урнатините во потрага по заробени жители.
Ткаченко рече дека екипите на едно место во источно предградие на левиот брег на реката Днепар во главниот град извлекле пет тела, додека осум жители се водат како исчезнати.
„Спасувачките екипи ќе работат без прекин додека не се расчистат сите урнатини. За жал, можеби ќе бидат пронајдени повеќе жртви“,
вели тој.
Во нападите што се случија ноќта помеѓу 1 и 2 јули се погодени станбени згради, а пожар е предизвикан и во хотел на централниот булевар во Киев. Неколку населби беа евакуирани.
Во масовниот комбиниран напад врз Украина се користеле дронови и ракети од различни видови лансирани од воздух, копно и море. Украинската воздушна одбрана собори 524 од 570 воздушни цели, но 25 балистички ракети и 12 дрона за напад ја пробија одбраната и ги погодија нивните цели.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако ја прекина посетата на Ирска, го посети местото каде што деветкатната станбена зграда беше полууништена. Тој обвини дека уништувањето делумно е неуспех на сојузниците кои не ги исполниле ветените воздушни одбрани.
„Доколку нашите партнери ги исполнеа своите ветувања навремено, мислам дека денес можевме да спасиме повеќе домови и животи. Сè што бараме од нашите партнери е едноставно да го сторат она за што се договоривме. Дури и не бараме повеќе“,
рече Зеленски.
Подоцна, во своето вечерно видеообраќање, Зеленски рече дека прашањето за воздушната одбрана ќе биде еден од клучните исходи од самитот на НАТО следната недела во Турција и го повтори својот повик за развој на европска воздушна одбрана.
Тoj вети дека неговата земја ќе одговори на масовниот руски напад.
„Русија напаѓа цивилни цели само за да ја принуди Украина да се откаже од својата државност, да внесе раздор меѓу граѓанското општество и војската. На тоа сметаа во текот на целата војна. Тоа нема да се случи. Украина сигурно ќе возврати“,
рече Зеленски.
