На седница на Влада ќе ги разгледаме сите аспекти на Законот за здруженија на граѓани донесен едногласно од пратениците и откако ќе се види дискусијата за кои делови треба да се направи разгледување тогаш може да се донесе одлука, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, во однос на иницијативата за испраќање на законот до Венецијанската комисија. Според Ковачевски законот веќе е донесен и со оглед на тоа што пратениците едногласно го изгласале тој закон ќе се применува во државата. Од друга страна, Ковачевски стои на ставот дека треба да се изработи нов закон за здруженија од страна на Министерството за правда во којшто ќе учествуваат сите политички партии и експерти и каде што како основа ќе се земе германското зкаонодавство.
„Во однос на Венецијанската комисија ние сме држава којашто има изградени високи демократски капацитет во заштитата на човековите права, кај нас може секој граѓанин да се органзиира слободно или во невладино здружение или во кој било друг вид на здружување согласно законите. За мене воопшто не е спорно нашите закони да бидат проверени од страна на европски институции особено имајќи го во пердвид фактот дека неделава веќе го започнавме билатералниот скрининг со Европската унја, каде што и нашето законодавство и спроведувањето на законодавството во детали ќе биде разгледано од страна на Европскаа комисија како дел од преговарачкиот процес и нормално е дека таму ќе бидат дадени одредени насоки од страна на ЕУ, “
рече Ковачевски.
Во однос на ставот на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека Бугарија води активна кампања во меѓународните институции против Законот за здруженија и на тамошните пораки дека ќе застанат на страната на бугарските клубови, Ковачевски прстот го впери во опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
„Најголема поддршка на бугарските клубови во Македонија стигна од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ којшто кажа дека е континуитет на Ванчо Михајлов, а протестите во Битола беа против клубот Ванчо Михајлов, така што не треба да доаѓа поддршка од Бугарија, поддршката дојде тука од претседателот на најголемата опозициска партија. Исто како што претпоставувам дека и отворањето дошло од таа партија и сето она што се случуваше при палењето на вратите итн, дека дошло исто така од таа партија. Со оглед на тоа гледаме кој настапува на нивни настапи“
рече Ковачевски.
Вчера министерот Османи порача дека е добро било кој закон за здруженија – постојниот или нов , да се испрати пред Венецијанската комисија. Според него важно е мислењето на Венецијанската комисија единствено во делот на ретроактивноста на законот, за како што рече „да не дозволиме алиби на било кој да удира по нашиот имиџ пред светот“.