Премиерот посочил дека и покрај блокадите од опозицијата, „оваа проевропска Влада, нема да отстапи од европскиот пат затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ.“ Тој воедно истакнал и дека очекува натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата
Северна Македонија нема друга алтернатива освен да ја исполни својата ЕУ агенда. Успешното завршување на скрининг процесот за земјата, е изразена поддршка за следните чекори на патот на евроинтеграциите на Северна Македонија, со цел непречен тек на преговарачкиот процес, истакнал денеска премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Овој ден за Северна Македонија можеше да биде победнички ден во кој земјата по успешниот скрининг успешно и брзо продолжува со отворање на поглавјата и евроинтеграцискиот процес. Огромна е штетата што опозицијата во земјата е главен кочничар на европската иднина на државата. Граѓаните со денешниот ден и конкретно можат да се уверат дека со вакво анти-еу и анти-нато позиции на опозиција, тие ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство“,
истакнал Ковачевски, соопштија од владиниот кабинет.
Премиерот посочил дека и покрај блокадите од опозицијата, „оваа проевропска Влада, нема да отстапи од европскиот пат затоа што нашата единствена алтернатива е ЕУ.“ Тој воедно истакнал и дека очекува натамошна поддршка од европските лидери на трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата.
Премиерот, како што информираат од Владата, во своето излагање ја нагласил и поддршката на Европската Унија која, како што рекол, беше клучна минатата година во справување со енергетската криза, а за Северна Македонија тоа беше и можност за градење побезбедна, посигурна и позелена енергетска иднина.
Ковачевски укажал и дека партнерството на Северна Македонија и ЕУ е двонасочна улица, без разлика дали се работи за зелената агенда, миграцијата, дигитализацијата итн.
На Самитот ЕУ-Западен Балкан на највисоко ниво се дискутираше за концептот на забрзана и постепена интеграција, за интегрирањето на регионот на единствениот пазар на ЕУ, билатералните односи меѓу земјите од регионот, како и реформските процеси на земјите од Западен Балкан.
Советот за општи работи на ЕУ во Брисел не даде позитивно мислење за отворање на преговарачките кластери со земјава.
„Потсетувајќи на заклучоците на Советот од јули 2022 година, Советот го поздравува одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија во јули 2022 година и успешното завршување на скрининг-состаноците. Советот е подготвен да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени, во согласност со внатрешните процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година. Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро во согласност со Преговарачката рамка“,
стои во заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.
Истовремено, земјите членки ги охрабрија сите партии во парламентот да се фокусираат на унапредување на ЕУ-реформите и на процесот на пристапување кон Унијата.