Во нацрт-заклучоците, за кои ќе дебатираат министрите за надворешни и за европски прашања на земјите членки на ЕУ до кои дојде „360 степени“, се повторува: „Советот е подготвен да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени“
Во документот, исто така, јасно се наведува дека има потреба од забрзување на реформите во делот на независноста на судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и професионалноста на јавната администрација
Ниту за Албанија нема „зелено светло“ за нова меѓувладина конференција
Очекувано, неиспорачувањето уставни измени се рефлектира на ЕУ-процесот на Северна Македонија. Министрите за надворешни и за европски работи на земјите членки на Унијата, на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел, нема да дадат позитивно мислење за отворање на преговарачките кластери со земјава. Така пишува во нацрт-заклучоците до кои дојде „360 степени“.
„Потсетувајќи на заклучоците на Советот од јули 2022 година, Советот го поздравува одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија во јули 2022 година и успешното завршување на скрининг-состаноците. Советот е подготвен да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања ниту дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени, во согласност со внатрешните процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од јули 2022 година. Советот ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени. Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро во согласност со Преговарачката рамка“,
стои во предлог-заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.
Истовремено, земјите членки ги охрабруваат сите партии во парламентот да се фокусираат на унапредување на ЕУ-реформите и на процесот на пристапување кон Унијата.
„Советот го поздравува нивото на подготовка на Северна Македонија во клучните области и ја нагласува важноста од забрзување на ЕУ-реформите и натамошна консолидација и имплементација, особено во суштинските области (Fundamentals) и владеењето на правото. Северна Македонија треба да испорача независност, професионалност и непристрасност во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформа на јавноста администрација. Советот изразува сериозна загриженост за некои измени на Кривичниот законик што влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво, како и на несоодветни надворешни влијание врз работата на Судскиот совет и судството. Советот исто така повикува Северна Македонија да продолжи со напорите за понатамошно зајакнување на основните права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или на заедниците, слободата на медиумите и слободата на изразување“,
пишува во предлог-заклучоците.
ЕУ од земјава очекува навреме и на инклузивен начин да ја спроведе и реформата на изборното законодавство во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија. Исто така, како што пишува во документот, се нотира и важноста на добрососедските односи.
„Советот забележува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи на процесот на проширување како и на Процесот на стабилизација и асоцијација. Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување, со добра волја, на билатерални договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“,
стои во нацрт-заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ.
Засега, Северна Македонија и Албанија остануваат во истиот пакет, односно нема одвојување на двете земји. Денеска ниту Албанија ќе добие „зелено светло“ за отворање на преговарачките кластери. Од официјална Тирана се очекува „инклузивен и конструктивен политички дијалог за напредок во ЕУ-реформите“.