Работната вечера во Елисејската палата, со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, е одлична можност, во пресрет на Парискиот мировен форум, да ја споделиме определбата за здружено дејствување и ефикасни одговори на актуелните предизвици во светот, напиша премиерот на социјалните мрежи
Главна цел на Парискиот мировен форум е да ја поттикнува соработката и трагањето по решенија за предизвиците со коишто се соочува светот. Предвидено е премиерот да има обраќање на сесијата на тема „Адресирање на нееднаквостите и забрзување на Одржливите развојни цели
Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на Парискиот мировен форум, придружуван од сопругата Елена Ковачевска присуствуваше на вечера организирана од францускиот претседател Емануел Макрон и сопругата Брижит Макрон, во чест на шефовите на држави и влади кои учествуваат на Форумот.
Тој на својот Фејсбук профил објави фотографија со францускиот претседател Макрон.
„Работната вечера во Елисејската палата, со претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, е одлична можност, во пресрет на Парискиот мировен форум, да ја споделиме определбата за здружено дејствување и ефикасни одговори на актуелните предизвици во светот“,
напиша Ковачевски.
Во рамки на посетата, премиерот Ковачевски заедно со повеќе шефови на држави и влади, лидери на меѓународни организации, влијателни личности од меѓународниот бизнис, од граѓански организации, од академската заедница ќе присуствува на отварањето на 6. Париски мировен форум.
„Главна цел на Форумот е да ја поттикнува соработката и трагањето по решенија за предизвиците со коишто се соочува светот. Предвидено е премиерот Ковачевски да има обраќање на сесијата на тема „Адресирање на нееднаквостите и забрзување на Одржливите развојни цели”,
се наведува во соопштението на Владата.
Шестото издание на Парискиот мировен форум, насловено „Потрага по заеднички јазик во свет на ривалство“, е посветено на најголемите предизвици на денешницата и потрагата по ефективни одговори на најитните предизвици во светот, како што се војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и Хамас на Блискиот Исток.
Форумот се отвора со сесијата „Париски пакт за луѓето и планетата“, а една од главните тези е како да се позиционираат земјите во светот обележан со ривалство, пред се на САД и на Кина.
Парискиот мировен форум, инициран од Макрон, се одржува од 2018 година со цел да ги собере сите светски актери.
Се заснова на идејата за меѓународна соработка како клучен фактор за соочување со глобалните предизвици и обезбедување на траен мир.
Претседателот на Владата од денеска е во работна посета на Париз, каде што се обрати на 42. Генерална конференција на УНЕСКО.