Одлуката за напуштање на Владата и парламентарното мнозинство, лидерот на ДС, Павле Трајанов, на Ковачевски му ја најавил на средба што ја имале во петокот минатата недела, но инсистирал самиот да ја соопшти
По вчерашната одлука на Демократскиот сојуз (ДС) да го напушти владиното мнозинство, премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека очекува уште во текот на денешниот ден функционерите на ДС да ги поднесат своите оставки. Тука, како што посочи премиерот, пред сè мисли на заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски, кој на функцијата беше избран како кадар на Демократскиот сојуз.

Во меѓувреме, како што информира Трајанов во изјава за „360 степени“, Димитровски веќе ја поднел оставката од функцијата.
Одлуката за напуштање на Владата и парламентарното мнозинство, лидерот на ДС, Павле Трајанов, на Ковачевски му ја најавил на средба што ја имале во петокот, минатата недела.
Покрај заменик-министер, Демократскиот сојуз свој партиски кадар има и во директорската фотелја во „Службен весник“.
Премиерот рече оти се надева дека Трајанов, кој е единствен пратеник на Демократскиот сојуз во Собранието, нема да стане заложник на Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасеив, како што тоа според премиерот е случај со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Тој (Павле Трајанов) тоа го најави во петокот кога имавме разговор со него, меѓутоа сакаа да го соопштат самите. Јас очекувам дека нивните функционери уште во текот на денешниот ден ќе ги поднесат своите оставки. Тука пред сè мислам на заменик-министерот за локална самоуправа. Се надевам дека како искусен политичар г. Трајанов нема да се доведе во ситуација како Мицкоски да стане заложник на Апасиев и нормално дека ние како коалициска влада и како парламентарно мнозинство остануваме отворени за сите политички партии, за сите поединци и за сите организации што се за продолжување на европскиот пат на државата и за полноправно членство во Европската Унија“,
изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања во селото Ресава, Кавадаречко, каде што заедно со министерот за земјоделство Љупчо Николовски присуствуваше на традиционално закројување на лозје по повод празникот Свети Трифун.
Она што го радува, посочи Ковачевски во тој контекст, е што ДС останува да ги поддржува политиките што го трасираат патот на земјава кон членство во Европската Унија кои, како што истакна, досега биле само декларативни и не можеле да се потврдат во пракса.
Како поткрепа на ваквата констатација и како прекор кон довчерашниот коалициски партнер, премиерот го наведе негласањето на Трајанов за Законот за ратификација на Договорот со Фронтекс. За ратификацијата на Договорот вчера не гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од другите партии од опозицијата кои не беа ниту присутни во пленарната сала на законодавниот дом.
„Она што можам да кажам е дека ме редува што Демократскиот сојуз кажа дека останува на европскиот пат и на поддршката на таквите одлуки, што не можеше да се потврди досега во пракса освен декларативно, бидејќи видовме и вчера дека пратеникот на Демократскиот сојуз не го гласаше законот за Договорот со Фронтекс, за жал, меѓутоа сепак има можност во иднина своите декларации да ги покаже и во пракса“,
рече Ковачевски.
Демократскиот сојуз вчера вечерта, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство. Одлуката на прес-конференција ја соопшти партискиот лидер Павле Трајанов, кој како причина го наведе неисполнувањето на програмските цели што биле утврдени и усогласени меѓу ДС и СДСМ пред парламентарните избори во 2020 година, а како главни ги наведе реформите во изборниот и во судскиот систем.
На прашањето на колку пратеници може да се смета за поддршка на предложената реконструкцијата на Владата, премиерот Ковачевски рече дека владиното мнозинство е стабилно и цврсто и дека реконструкцијата ќе помине со гласовите на повеќе од 64 пратеници.
Одлуката на Демократскиот сојуз според Ковачевски не претставува нарушување на силината и стабилноста на владиното мнозинство.
„Јас и вчера кажав дека реконструкцијата што ја предложив не беше водена од персонални и кадровски побуди, туку беше водена од тоа државата да има стабилно мнозинство кое ќе може да носи закони, односно реформи во сите значајни области во државата. Вклучувањето на партијата Алијанса за Албанците која има осум пратеници ќе го зацврсти мнозинството што ќе придонесе да можат многу поефикасно да се носат законите кои што значат реформи и унапредување на државата и унапредување на животниот стандард на граѓаните во сите област“,
рече премиерот Ковачевски.