Во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански чинители е потребно да постигнат консензус, со што не би се кочел процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ, истакнале Ковачевски и Лајчак на денешната средба

Северна Македонија има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и преку дијалог и соработка меѓу државите се етаблира како држава фактор на стабилност во регионот. Ова премиерот Димитар Ковачевски му го пренел на специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, на нивната денешна средба во Братислава каде што се одржува Глобалниот безбедносен форум на ГЛОБСЕК 2023.
На средбата, премиерот Ковачевски, како што соопштуваат од владината прес-служба, ја потенцирал заложбата на Владата, Северна Македонија како и досега да придонесува за унапредување на регионот, како и за мирот и стабилноста.
Ковачевски ја нагласил максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјава, како и на процесот на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Двајцата соговорници, како што се наведува во соопштението, истакнале дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини, граѓански чинители е потребно да постигнат консензус, со што не би се кочел процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ.
На средбата, премиерот Ковачевски нагласил дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат економскиот развој на регионот. Ковачевски и Лајчак, исто така, повикале на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста. Премиерот Ковачевски повтори дека Северна Македонија го поддржува продолжувањето на соработката и координацијата со НАТО и ЕУ во регионот во насока на консолидирање на стабилноста и забрзување на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.