„Ставот (на Мицкоски н.з.) мене ме зачудува. Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател на партијата (Никола Груевски н.з.), а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Се подгреваа чувства кај граѓаните на таков начин, цело време граѓаните беа плашени дека постои некаков супернепријател против нас Македонците. Се уверивме дека тоа не е така“, изјави денеска премиерот
Според премиерот Димитар Ковачевски изјавите на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар на земјава, како и онаа дека има светски заговор против Македонија во многу наликуваат на оние што ги даваше неговиот претходник Никола Груевски.
Коментирајќи ги ваквите изјави, премиерот рече дека е зачуден од ставот на Мицкоски.
„Ставот мене ме зачудува. Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ многу ме потсетува на 11-те години на претходниот претседател на партијата (Никола Груевски н.з.), а тоа е дека постои некоја светска завера против нас. Тоа беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Се подгреваа чувства кај граѓаните на таков начин, цело време граѓаните беа плашени дека постои некаков супернепријател против нас Македонците. Меѓутоа после тоа ние се уверивме дека тоа не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сега гледаме колку е тоа значајно во време кога се води воен конфликт во Европа“,
рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Пробиштип, каде заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска присуствуваа на пуштање во употреба на детска градинка.
Премиерот во тој контекст порача дека покрај сите хистерии и лажни обвинувања дека ќе настанела бугаризација, асимилација и губење на идентитетот, земјава ги започна преговори со Европската Унија со заштитен македонски јазик и идентитет. Тезите, дека постои светска завера против Македонија ѝ оди во прилог само на политичката кариера на оној што тоа го кажува.
„Затоа сметам дека една држава која има стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, како ниту една друга земја во регионот, којашто е земја членка на НАТО пласирање на тези дека постои светска завера во ниту еден случај не им оди во прилог на граѓаните, ниту на државата, освен на полтичката кариера на тој што го кажува. Бидејќи историјата потврдила дека неносењето на одлуки единствено може да ве остави во чекална, како што и самите кажуваат дека биле подготвени да чекаат. Сега имаме чиста преговарачка рамка со заштитен македонски јазик, се преговара на македонски јазик, се преведува европското законодавство на македонски јазик и сега е моментот кога постои заеднички интерес и од страна на Соединетите Американски Држави и од страна на Европската Унија за продолжување на европската интеграција и до 2030 година Северна Македонија да стане полноправна членка на Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Со Ескобар ќе разговараме за национални, билатерални и регионални прашања, вели премиерот
На реторичко прашање која е алтернативата, премиерот беше дециден дека такво нешто не постои и затоа е време сега да се донесат одлуките, алудирајќи на уставните измени, за кои рече имаме поддршка и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави, а не завера.
„Во таа насока е посетата на специјалниот висок претставник на САД Габриел Ескобар на регионот и на Северна Македонија. Јас ќе има разговори со него, тој е исклучително информиран човек во однос на случувањата и на билатерално и на регионално ниво и ќе разговараме токму за национални, билатерални и регионални прашања од интерес на Северна Македонија“,
рече Ковачевски.
Средбата меѓу него и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар ќе биде утре.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите вчера рече дека посетата на Ескобар ја цени како и секоја друга посета на висок странски претставник и дека секој што сака да ги слушне аргументите на ВМРО-ДПМНЕ и на народот, во врска со уставните измени, е добредојден.
Тоа што власта се обидува доаѓањето на Ескобар да го претстави како, условно кажано, „посета на дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок“ говори за нејзината слабост, рече лидерот на опозицијата.
„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“,
порача тој вчера од Велес.
Ден претходно од трибина во Кичево, Мицкоски рече дека Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници во Собранието да гласаат за уставните измени.
„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево.