Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа што власта се обидува доаѓањето на Ескобар да го претстави како, условно кажано, „посета на дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок“ говори за нејзината слабост
„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“, изјави Мицкоски од Велес
Посетата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, на земјава, која е најавена за утре, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја оценува како и секоја друга посета што ја имал досега со високи странски претставници.
Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Велес, изјави дека секој што сака да ги слушне аргументите на ВМРО-ДПМНЕ и на народот е добредојден.
„Посетата на господинот Грабриел Ескобар ја ценам како и секоја друга посета. Изминатиот период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи и отприлика содржината на тој состанок се наѕира, ја знаеме која е. Така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној што сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија е добредојден“,
кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, говорејќи во истиот контекст, рече дека тоа што власта се обидува доаѓањето на Ескобар да го претстави како, условно кажано, „посета на дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок“ говори за нејзината слабост.
„Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат тогаш одбрале погрешни соговорници“,
рече Мицкоски.
Инаку, посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување и на Бугарите во Уставот. Познато е дека дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“ и дека по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Кичево изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за опозициски пратеници да гласаат за уставните измени.
„Денеска, додека го зборувам ова, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прават стратегија како да ја скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“,
изјави вчера Мицкоски во Кичево.
Денеска тој беше прашан и за коментар на вчерашната изјава на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во која таа меѓудругото таа рече дека ги охрабрува граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека сакаат да бидат дел од ЕУ.
„Сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени, јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од ЕУ, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава се во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа“,
изјави американската амбасадорка одговарајќи на новинарски прашања по посетата на ГП „Богородица“.
Мицкоски рече дека „апсолутно се согласува“ со Агелер, а својот став повторно го стави во контекст на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на предвремени парламентарни избори.
„Апсолутно се сложувам со изјавата на амбасадорката Агелер и граѓаните се тие кои што се суверен во оваа држава и тие треба на избори кои би се случиле час поскоро да излезат и да кажат „да“ за Европската Унија, но и да го одберат решението. ВМРО-ДПМНЕ има свое решение го кажавме тоа јавно, СДСМ има свое решение, претпоставувам и други политички партии ќе излезат на тие избори со свое решение. Граѓаните се тие кои на тие избори ќе го кажат својот став час поскоро…Она што е моја порака е народот веднаш да им каже на политичарите која опција ја избираат, дали опцијата којашто ја нуди ВМРО-ДПМНЕ или опцијата што ја нуди коалицијата предводена од СДСМ и да за тоа да се случи се потребни час поскоро предвремени парламентарни избори“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Велес.