„Обично во светот се работи за избори каде што имате политички партии од центар и лево од центар и политички партии од центар и десно од центар, кај нас сега ќе бидат избори на кои ќе се соочат политички партии што се за западна ориентација на државата и политички партии што се за јасна источна ориентација на државата. И затоа сметам на крајот дека нашата коалиција ќе ги има сите политички партии што денес се дел од оваа проевропска коалиција“, изјави денеска премиерот
Претстојните избори – претседателски и парламентарни, на 8 мај годинава – нема да бидат избори помеѓу левица и десница, туку помеѓу Запад и Исток, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Ваквата оценка за карактеристиката што ќе го одбележи двојниот изборен циклус оваа година Ковачевски ја даде одговарајќи на новинарско прашање на денешната годишна конференција „Година на европски можности“, околу тоа дали СДСМ и ДУИ ќе учествуваат заедно на изборите и дали за приклучување кон европскиот фронт кој го промовираат двете партии ќе се приклучи и Алијанса за Албанците. Ковачевски беше прашан дали за тоа разговарал со претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој вчера беше присутен во хотелот „Хилтон“ каде што се одржа состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан.
Осврнувајќи се на средбата на лидерите од земјите на Западен Балкан, на која покрај нив присуствуваа и високи претставници на американскиот Стејт Департмент и на Европската Унија, односно помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан и генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, македонскиот премиер рече дека можеле да се слушнат многу јасни пораки.
Во таа насока, Ковачевски се повика на онаа на високиот американски дипломат, кој вчера опиша пред каков избор се наоѓа земјава.
„…дека нашата држава се наоѓа пред избор за Европа или за нешто друго и тоа го кажувам и јас во изминатите две години, меѓутоа тоа го кажува и исклучително висок американски претставник, и тоа на сите наши граѓани им е јасно. На една страна имаме коалиција која денес ја предводи Владата, со која коалиција станавме земја членка на НАТО и со која што отпочнавме преговори со Европската Унија и на друга страна има политички партии коишто се против членството во НАТО и беа против членството во НАТО и кои денес се против зачленувањето во Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Овие политички партии, кажа Ковачевски, зборуваат за некакво алтернативно решение кое никој не го видел ниту го слушнал ниту, пак, како што рече, може да го види затоа што не постои.
Навраќајќи се на прашањето за тоа кој сè ќе се учествува, Ковачевски без да ја доврши мислата ја даде оценката дека дека овие избори ќе бидат избор помеѓу Запад и Исток, а не класичен избор помеѓу партии од левиот и десниот политички спектар. Премиерот смета дека на крајот нивната коалиција ќе ги има сите политички партии кои се дел од проевропската коалиција.
„Овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, овие избори ќе бидат помеѓу Запад и Исток. 2024 година такви ќе бидат изборите. Бидејќи обично во светот се работи за избори каде што имате политички партии од центар и лево од центар и политички партии од центар и десно од центар, кај нас сега ќе бидат избори на кои ќе се соочат политички партии што се за западна ориентација на државата и политички партии што се за јасна источна ориентација на државата. И затоа сметам на крајот дека нашата коалиција ќе ги има сите политички партии што денес се дел од оваа проевропска коалиција, од оваа прогресивна коалиција, а граѓаните многу јасно укажуваат преку сите анкети дека се за европска интеграција на државата“,
рече Ковачевски.

Шефот на американската дипломатија за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан вчера на прес-конференцијата со премиерот на новинарско прашање – дали се точни информации дека меѓународниот фактор притиска да биде потпишан нон-пејпер на политичките партии на Албанците со кој ќе се обврзат да не коалицираат со партија која шест месеци по изборите нема да спроведе уставни измени, одговори дека фер е граѓаните да побараат од ВМРО-ДПМНЕ да понуди нон-пејпер во кој ќе ја објасни визијата за патот напред.
„Ми кажаа дека ќе ме прашаат за нон-пејпер. Не знам за нон-пејпер и би сакал да се задржам на она што го кажав во ноември кога бев во Скопје, како и денеска. Сметаме дека граѓаните на Северна Македонија треба да решат за патот за напредок. Мислам дека една партија (СДСМ, н.з.) даде предлог за напредок и трпи критики затоа што некои луѓе го сакаат или не го сакаат. Друга партија (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ветува дека ќе изнајде начин за патот напред и мислам дека можеби е фер граѓаните да побараат од таа партија да понуди нон-пејпер во кој ќе објасни која е нејзината визија и потоа ќе можете да решите меѓу визијата која ја знаете и нешто што е ветување“,
рече О‘Брајан.
Во однос на интеграциите, американскиот дипломат рече дека интерес на САД е да ги видат земјите од регионот како се приближуваат кон интеграцијата во ЕУ.
„Ние сме посветени на тоа Северна Македонија и САД да продолжат да соработуваат на патот на земјата кон Европа. Граѓаните на земјава ќе имаат јасен избор во наредните месеци меѓу јасна визија која знае како да оди кон Европа и нешто друго. Граѓаните ќе треба да изберат. Од перспектива на САД, многу сакаме Северна Македонија, што е можно побрзо, да стане дел од ЕУ“,
изјави О`Брајан вчера во Скопје, на прес-конференцијата со Ковачевски по состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан посветен на Планот за раст на Европската Унија.
Прашан за пораките од О‘Брајан кажани во интервјуто за „360 степени“ во ноември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ во декември рече дека новинарот му поставил наведувачко прашање на американскиот дипломат манипулирајќи со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. О‘Брајан денеска повтори дека останува на кажаното во ноември.