Претседателот на СДСМ уште еднаш потенцираше дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен влез во ЕУ, а на новинарско прашање дали би гласал за уставните измени од опозиција, одговори потврдно

Претседателот на СДСМ и носител на листа во изборната единица 1 Димитар Ковачевски очекува денешните избори да бидат демократски, на кои граѓаните слободно ќе го дадат својот глас и со тоа ќе одлучат каква ќе биде иднината на државата.
Ковачевски, по остварувањето на своето право на глас, во изјава за медиумите рече дека очекува граѓаните масовно да излезат и слободно да го дадат својот глас.
„Денес тие одлучуваат за државата, нивниот глас ќе ја определи иднината во наредната декада. Изминатите преку 40 дена ги презентиравме нашата Програма за европска иднина и сите предности на земјава како членка на ЕУ до 2030 година. Сепак, граѓаните ја имаат финалната одлука за тоа во кој правец ќе се движи државата, дали до 2030 ќе стане членка на ЕУ со претседателот Пендаровски и коалицијата ’За европска иднина’ и СДСМ или повторно ќе се враќаме назад во едно минато време кое го гледавме цела декада’“,
рече Ковачевски.
Според неговите очекувања, како што рече, граѓаните слободно ќе го дадат својот глас и ќе донесат одлука со која ќе се обезбеди сигурна, просперитетна иднина и животен стандард што доликува на македонските граѓани и држава.
Тој уште еднаш потенцираше дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен влез во ЕУ, а
на новинарско прашање дали би гласал за уставните измени од опозиција, одговори потврдно.
„Тоа прашање може да го поставите на секого, но кога ќе ми го поставите мене, тогаш мислам дека одговорот веќе го знаете. Тие уставни измени јас сум ги поднел, тие уставни измени го носат мојот потпис и јас повикував да се охрабрат сите политичари во Собранието да ги изгласаат зашто тоа е одлуката која треба да се донесе за да ги отвориме сите поглавја за пристапување во ЕУ, така што тоа што јас сум го поднел во Собранието, секако ќе го гласам, а дали и другите тоа ќе го сторат, ќе треба да ги прашате“,
рече Ковачевски.