Димитар Ковачевски е нов претседател на владејачкиот СДСМ, откако освои убедливо мнозинство гласови на денешните внатрепартиски избори. Од вкупно 44 406 членови што излегле на гласање, за Ковачевски заокружиле 37 649. За разлика од него, Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2 836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3 319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.
Ковачевски е актуелен заменик-министер за финансии. На премиерот Зоран Заев му беше фаворит за негов наследник. Новиот лидер на СДСМ, а веројатно и премиер, има долгогодишен стаж во партијата.
Од СДСМ посочија дека гласањето на денешните избори течело мирно на сите гласачки места.