На прашањето дали постои план „Б“, бидејќи опозицијата цврсто стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени, Ковачевски во интервјуто за МИА од Атина не дава прецизен одговор. Во контекст на прашањето, тој се осврна на членството на С Македонија во НАТО и потсети дека идентична била ситуацијата со опозицијата и кога се носеа одлуките за земјата да стане членка на одбранбениот сојуз
Ние со Хрватска заедно го почнавме пристапувањето во Европската Унија во 2006 година, денес таа е земја членка на Унијата, а ние сè уште имаме политичари кои велат дека треба да се почека.
Со ваквата констатација премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Атина, објавено денеска, упати порака до опозицијата, а во контекст на уставните измени и евроинтегративниот пат на земјата, чие продолжување зависи од нивното донесување во македонскиот парламент.
Ковачевски, кој учествува на неформалниот состанок што по повод 20-годишнината од Декларацијата од Солун од Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој во Атина го организираше неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, вели дека кај нас сè уште има политичари, како што имало во минатото, кои не сакаат да се донесе таква одлука и велат дека треба да се чека.
„Па дури и лидерот на опозицијата ќе изјави дека тој е подготвен да чека и 10 и 20 итн. години. Најдобра потврда како изгледа чекање и седење во чекална е токму овој состанок овде. Солунскиот состанок се одржа пред точно 20 години. На него дел од Западен Балкан беше Хрватска. Денес Хрватска е членка на ЕУ, членка на Шенген и земја во која платежно средство е еврото, а ние сè уште имаме политичари кои велат дека треба да се чека. Пред 20 години, претставници на Македонија овде беа Бранко Црвенковски и сега веќе покојната Илинка Митрева (како министер за надворешни работи н.з.) и ова е најдобро место од каде треба да се испрати порака дека неносењето одлуки, немањето храброст и немањето одлучност нема да ја помрдне земјата ниту еден милиметар“,
вели премиерот Ковачевски.
Доколку не носиме одлуки и имаме политичари кои велат дека треба да се чека, според Ковачевски, земјата ризикува да заостане во евроинтегративниот процес и да се најде во друштво на Босна и Херцеговина и Косово.
„Ќе се случи и Црна Гора и Албанија да отидат пред нас и на крај единствено ќе останеме во друштвото на Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија не смее да остане во друштво на Босна и Херцеговина и Косово, тоа се држави кои имаат проблеми во дефинирањето на државите сè уште и нашите деца не заслужуваат да бидат во тоа друштво во поглед на европските интеграции. Затоа одлуките ни се потребни сега, заради иднината и на сегашните и на идните генерации“,
смета Ковачевски.
На прашањето дали постои план „Б“, бидејќи опозицијата цврсто стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени, Ковачевски без прецизен одговор. Во контекст на прашањето, тој се осврна на придобивките од членството на С Македонија во НАТО, потсетувајќи дека опозицијата беше и против одлуките кои се донесоа за земјата да стане членка на одбранбениот сојуз.
„Таа опозиција беше и против одлуките во однос на зачленувањето во НАТО и ние денес гледаме колку беа значајни одлуките коишто се донесоа за зачленувањето во НАТО. Благодарение на тие одлуки С Македонија е членка на најголемиот одбранбен воен сојуз во светот и тоа особено се гледа во услови кога во Европа има војна…Единаесет години чекавме наместо да го решиме спорот со Грција ние го одложувавме и на крај беше решен со полошо решение од тоа што можеше да биде решение во 2008 година. И сега не е различно. Имаме јасна Преговарачка рамка со заштитен македонски јазик, заштитен македонски идентитет, со билатералните прашања надвор од критериумите за пристапување во ЕУ, веќе се привршува и скринингот во најголемиот дел од поглавјата, извештаите веќе се подготвуваат и останува на политичкото водство и на сите други актери во општеството да се направата потребните реформи со кои државата ќе стане најдобро место за живеење за македонските граѓани…а не да купуваат пасоши од туѓи држави и да одат да работат во Германија, Италија, Франција само заради тоа што тие држави се членки на Европската Унија“,
вели Ковачевски во интервјуто за МИА.
Во продолжение можете да го погледнете целото интервју на премиерот Димитар Ковачевски за МИА: