За тоа дали ќе се истражува наредбата дадена од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) да се прави рација во т.н. кабаре и дали во тој контекст се истражуваат тогашните началници од ОВР Кочани и СВР Штип кои беа само разрешени, Коцевски вели дека истрагата во моментов е во исклучително важна фаза и затоа не може да сподели подетални информации во однос на евентуаните дејствија што се преземаат
Нема никаква селективност во истрагата за трагедијата во Кочани досега, а нема да има ниту понатаму, тврди државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Вели и дека од моментот на почнување на истрагата немал никакви притисоци или евентуални закани за тоа како да се води постапката на Обвинителството за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.

Коцевски ова го кажа, одговорајќи на директно прашање дали се чувствува уценет бидејќи Владата ја запре постапката за негово разрешување по пожарот во Кочани и дали има притисоци како да се води истрагата.
„Кажав неколку пати, тоа е политичка одлука. Од моментот на почнување на истрагата немам никакви притисоци или евентуално закани во однос на тој дел“,
кажа државниот јавен обвинител, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на денешната седница на Советот на јавните обвинители, чиј член е по службена должност.
Дека нема селективност во постапката, Коцевски кажа прашан дали ќе има проширување на истрагата и со актуелни полициски службеници кои кобната вечер биле во т.н. кабаре, каде спроведувале акција за проверка на присуство малолетници и продажба на наркотици.
„Нема никава селективност досега нема ни да има ни натаму. Јас за еден еден медиум кажав дека сè до завршување на истрагата можно е и нејзино евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и зависи од она што јавните обвинители ќе го обезбедат“,
рече тој.
За тоа дали ќе се истражува наредбата дадена од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) да се прави рација во т.н. кабаре и дали во тој контекст се истражуваат тогашните началници од ОВР Кочани и СВР Штип кои беа само разрешени, Коцевски вели дека истрагата во моментов е во исклучително важна фаза и затоа не може да сподели подетални информации во однос на евентуаните дејствија што се преземаат.
А за тоа какви дејствија се преземаат во моментот и до каде и истрагата, која според неговиоте најави треба да заврши до средината на следниот месец, Коцевски рече дека станува збор за исклучетелно сложена постапка и дека дел од тимот обвинители кој работи на случајот се во Кочани, а дел се во Скопје.
„Во моментов се сослушуваат сведоци, се сослушуваат оштетени и други лица кои знаат нешто за настанот. Во меѓувреме се врши координација со вештите лица во однос на она што треба да се вештачи. Во Јавното обвинителство за организиран криминал знаете дека има постапка против 14-15 лица ми се чини, со тоа што и таму истрагата е во тек. За разлика од овде таму нема определени мерки притвор, има други и се води друга постапка“,
рече државниот јавен обвинител.
За разлика од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој вчера рече дека во постапката за случајот има 70 осомничени лица, Коцевски денеска не можеше да ја потврди оваа бројка, бидејќи, како што кажа, тоа се само осомничени.
„Па не знам, можеби министерот ги брои и обвинетите што се во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Точна бројка во моментов не можам да ви ја кажам затоа што тие се само осомничени“,
изјави тој.

Прашан дали е можно пролонгирање на рокот за завршување на истрагата, со оглед дека станува збор за голем предмет со многу осомничени, Коцевски рече оти смета дека нема да дојде до такво нешто.
„Сметам дека нема да се пролонгира, имајќи ја предвид сегашната динамика со која работата јавните обвинители и нивниот план, сметам дека ќе се заврши во предвидениот рок. Во моментов има обвинители во Основното јавно обвинителство Кочани и обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје и вршат распити и во Кочани и овде во Скопје, така што согласно динамиката што е утврдена јас мислам дека нима никаков проблем постапката да се заврши во предвидениот рок и да има обвинение“,
изјави државниот јавен обвинител.
Во врска со минатонеделниот протест на семејствата на жртвите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ што се одржа во Скопје и кој почна пред зградата на Јавното обвинителство, првиот човек на оваа институција рече дека дел од родителите биле примени во Обвинителството и им било одговорено на прашањата што ги поставиле, додека за оние кои што не влегле во зградата, државниот јавен обвинител вели дека не знае зошто не присуствувале на средбата.
„Дел од оштетените, односно родителите беа примени од наша страна, со нив се изврши разговор и им објаснивме за текот на постапката. Така што оние што беа примени во Јавното обвинителство поставуваа прашања, на тие прашања им одговоривме, така што што во тој дел мислам дека немаше проблем. Во однос на другиот дел, тие што не влегоа, не знам зошто не присуствуваа“,
рече Коцевски.
Во контекст на прашањето, тој уште еднаш упати апел до сите кои имаат некакви информации за случајот да ги споделат на наменската електронска адреса што за таа намена ја отвори Обвинителството и формулар кој треба да се пополни.
На оние кои што ќе споделат информации Коцевски рече дека можат да им гарантираат дека дека тоа ќе биде доверливо и нема да излегува во јавност.