За споделување на податоците, Јавното обвинителство на својата веб-страница денеска објави формулар за пријавување и отвори наменска електронска адреса на која треба за се испрати формуларот
За отворениот повик биле информирани и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, кои денеска дојдоа на протест во Скопје за да бараат одговори од надлежните за трагедијата во која загинаа нивните најмили
Јавното обвинителство денеска упати повик до сите кои имаат какви било информации и докази во врска со работата на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани да ги споделат со истрагата.

Информациите, како штоп соопштија оттаму, можат да се однесуваат на лични сведоштва за настанот, информации и докази за работата на клубот и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат.
Повикот е упатен поради законските рокови и потребата од ефикасност на постапката.
За споделување на податоците, кои би ѝ биле од корист на истрагата, Јавното обвинителство на својата веб-страница денеска објави формулар.
Со негово пополнување граѓаните можат да се пријават за да достават податоци и информации кои сметаат дека се релевантни за истрагата, велат од Обвинителството.
За испраќање на пополнетиот формулар, Обвинителството отвори и наменска електронска адреса: [email protected]
Оттаму денеска соопштија и дека обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс” продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења.
Најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
„Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области“,
се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
За отворениот повик биле информирани и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, кои денеска дојдоа на протест во Скопје за да бараат одговори од надлежните за трагедијата во која загинаа нивните најмили.

Протестот почна пред зградата на Јавното обвинителство, а претставници на семејствата на загинатите се сретнаа со републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и тимот обвинители кои постапуваат во предметот.
Како што соопштија од Обвинителството, тие ги информирале за досегашниот тек на истрагата и ги увериле семејствата дека станува збор за сеопфатна постапка.
„Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес“,
велат од Јавното обвинителство.
Со транспаренти на кои пишува „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“; „Нема да има толку крв ако сè е по закон“, но и држејќи фотографии од своите починати деца, родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска точно напладне се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на РСМ за најавениот „Марш на ангелите“.
Еден од родителите присутни на маршот ги обвини надлежните од Обвинителството дека се партиски луѓе и посочи дека за трагичната несреќа се виновни сите досегашни партиски структури во државата.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата, која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица, соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски минатата недела.