Пратеничката од редовите на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, на најавите од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за кривични пријави, вели дека ќе одговори со иста мера, односно и таа ќе поднесе кривични пријави.
ВМРО-ДПМНЕ преку координаторот на пратеничката група Никола Мицевски најави дека ќе поднесе кривични пријави затоа што двајца пратеници, иако позитивни на коронавирус, вчера дојдоа во скафандери во Собранието за да обезбедат кворум за 32-та седница.
Костадиновска Стојчевска рече дека ќе одговори на секоја кривична пријава и рече дека ќе возврати со кривична пријава кон ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои чинот на појавување во Собранието го карактеризираа како тероризам.
„На колегите од ВМРО-ДПМНЕ ќе возвратам со кривична пријава до сите од нив затоа што доаѓаат на работа каде за нас е предвидено да работиме минимум 5 дена во неделата и 8 часа, а тие седат по канцеларии. На пратениците од Левица исто ќе им возвратам со кривична пријава, зошто не ги исполнуваат условите кои ги потпишаа кога прифатија да бидат пратеници. Се појавуваат 10 минути неделно на едно процедурално од кое прават театар и си заминуваат“,
рече Костадиновска Стојчевска во изјава за ТВ24.
Таа посочи дека ќе ги достави и сите пораки од закани по нејзиниот живот кои ги добива од лажни профили на социјалните мрежи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска ги повтори ставовите на неговата партија дека вчера се случил театар за задоволување на личните желби на поединци, за да се одржи 32. Седница, иако како што рече тие цела недела најавуваа дека ќе дадат поддршка на петтиот сет економски мерки.
„Тоа што е ноторно е дека вчера се прекршија членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи никој не е над законите, вклучително и Претседателот на Собранието и пратениците, одговорност мора да има. Затоа, во текот на утрешниот ден пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство. На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на коишто функционира според сите меѓународни извештаи“,
рече Мицевски.