Во емисијата „200“, потпретседателката на СДСМ зборуваше и за спорот со Софија од каде вели дека има позитивни сигнали, но и дека нашите црвени линии се јасни. Таа рече дека мора да се отстрани перцепцијата дека сме непријатели со Бугарија бидејќи не може да негуваме европски вредности доколку сме скарани со своите соседи. Со дијалог, порача идната министерка за култура, ќе се надмине спорот
Нова потпретседателка на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, вели дека предложената нова влада на мандатарот Димитар Ковачевски со спојот на нови и стари министри ќе овозможи остварување на стратешките цели на државата.
„Новата влада е составена од нови имиња, но задржани се и старите кои со своето искуство ќе придонесат за реализација на политиките. Досега покажавме дека знаеме да работиме, а токму спојот на новите и старите имиња значи дека новата енергија ќе соработува со искуството и ќе ги оствариме стратешките цели“
рече во емисијата „200“ на Алсат М ТВ, Костадиновска-Стојчевска, која е актуелна пратеничка, но и предлог-министерка за култура.
Новата влада, според неа, ќе биде продолжение на успешните политики, а заедничка точка која ги врзува сите политички партии во владејачкото мнозинство рече дека е напредокот на државата и интеграција во ЕУ.
Зборувајќи за новата влада, од која ќе биде и таа дел, Костадиновска-Стојчевска рече дека приоритет ќе бидат човечкиот капитал, работните места и платите.
„Жалам што опозицијата можеби очекува згради, споменици и неконструктивно трошење, но човечкиот капитал и работните места, зголемувањето на платите беше приоритет и на претходниот состав на влада и тоа останува да биде приоритет и на новата предлог-влада“ рече пратеничката.
рече пратеничката.
Таа се осврна и на енергетската криза и пандемијата со кои смета дека справувањето е соодветно.
„Во буџетот за 2022 година има издвоени средства за справување со енергетската криза, а се прават напори и за обезбедување на нови средства. Цел свет ја чувствува кризата со коронавирусот, инфлацијата и енергетската криза. Сметам дека ние одговараме соодветно, со државните ресурси и средства кои ни се на располагање“
рече Костадиновска-Стојчевска.
„Имаме позитивни сигнали од бугарска страна“
Во емисијата „200“, потпретседателката на СДСМ зборуваше и за спорот со Бугарија од каде вели дека има позитивни сигнали.
„Верувам во дијалог и наоѓање решение. Сметам дека имаме позитивни сигнали од бугарска страна дека ќе се дојде до решение и ќе се соработува. Сепак, нашите црвени линии се јасни – за јазикот и идентитетот не преговараме, но ќе продолжиме со позитивен дискурс и позитивна политика“
рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа рече дека мора да се отстрани перцепцијата дека сме непријатели со Бугарија бидејќи не може да негуваме европски вредности доколку сме скарани со своите соседи. Со дијалог, порача, ќе се надмине спорот.
„Како што најави и бугарскиот премиер Петков, Договорот за добрососедство ќе биде почетна точка. Ќе тргнеме од него за градење на нашите ставови. Верувам дека ќе се постигне решение и ќе имаме плодна соработка со Бугарија. Само со дијалог и соработка може да се надмине спорот и да стигнеме до целта, а тоа е отворање на пристапните преговори со Европската Унија“
рече Костадиновска-Стојчевска.