Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата Европска престолнина на културата за 2028 година. Бидејќи Универзална сала се јавува како апликант на тој конкурс, апелирам и ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Арсовска бидејќи мораме заедно и Град Скопје и Министерство за култура, а и Владата да работиме на таа апликација, на таа програма бидејќи е од национален интерес, вели министерката Костадиновска-Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се уште чека скопската градоначалничка Данела Арсовска да ѝ достави информација за тоа до каде е состојбата со изградбата на Универзална сала.
„Откако со министерот за локална самоуправа имавме средба со градоначалничката Арсовска, постапивме по заложбата на Владата, испративме барање за информација до градоначалничката за тоа до каде е состојбата со Универзална сала, дали воопшто има некакво движење и активности таму. Но, до ден денес немаме добиено никаква повратна информација“,
рече Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
Таа упати апел проблемот со Универзална сала да се реши што побрзо.
„Град Скопје е влезен во најтесниот круг за добитник за наградата Европска престолнина на културата за 2028 година. Бидејќи токму Универзална сала се јавува како апликант на тој конкурс, апелирам и ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Арсовска бидејќи мораме заедно и Град Скопје и Министерство за култура, а и Владата да работиме на таа апликација, на таа програма бидејќи е од национален интерес“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека како Министерство се подготвени да влезат во таа апликација и во структуирањето на програма со сите свои ресурси.
„За ова се одредени средства не само од буџетот на Министерство за култура, туку и на владино ниво. Така да ова е навистина значаен национален проект за нас како држава. Затоа апелирам да се реши статусот на Универзална сала, ние настапивме, понудивме помош, сега на ред е Град Скопје. Исто така, во најкус можен рок, после празниците, ќе имаме состанок повторно со градоначалничката Данела Арсовска токму по ова прашање. Мораме заедно да ја работиме културната програма за оваа значајна номинација“,
додаде министерката.
Минатиот месец министерката Костадиновска-Стојчевска заедно со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска, а потоа рекоа дека добиле комплетна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура.
Пред средбата министерката за култура изјави дека таа и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов имаат задолжение од Владата да направат работен состанок со градоначалничката Данела Арсовска по однос на прашањето за состојбата со Универзална сала.
„Ние како влада предводена од СДСМ уште пред две години ја препознавме потребата од реконструкција, од зачувување на Универзална сала како навистина голем национален сопственик. Токму затоа доделивме средства преку Министерството за култура кои беа префрлени на Градот Скопје за реконструкција на Универзалната сала. Бидејќи таму работите се во застој денеска сакаме да разговараме со градоначалничката за да изнајдеме некое решение за универзална кое е од важност не само за Градот Скопје туку за цела држава да се врати на својата функционалност и да може што поскоро да биде реконструирана“,
изјави тогаш Костадиновска-Стојчевска.
По оваа средба, пак, од Град Скопје преку соопштение информираа дека околу ова прашање Градот ќе изјасни откако ќе добие официјално барање од министерството.