За изнесување на ваквиот став, Костадинов практично е инспириран од последната изјава на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој ја сподели својата желба за припојување на Канада кон САД, трансформирајќи ја во 51. сојузна држава
Лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, во објава на Фејсбук изјави дека нема ништо пологично од припојување на Македонија кон Бугарија со оглед на тоа што, како што вели:
„Нема ништо пологично од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ, како Бугарија и Македонија, да се обединат и да станат една држава“.

За изнесување на ваквиот став, Костадинов практично е инспириран од последната изјава на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој пред неколку дена ја сподели својата желба за припојување на Канада кон Соединетите Американски Држави, трансформирајќи ја земјата во 51. сојузна држава.
„Брањата на Трамп за Канада се целосно оправдани. Нема ништо пологично и понормално од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и главно исти луѓе, како што се САД и Канада, да станат една земја. Истото важи и за претензиите на Трамп за Панамскиот Канал. Впрочем, САД беа првиот сопственик на земјата на каналот, тие го градеа и го поседуваа до 1979 година. Затоа Преродба целосно ги поддржува тврдењата на новоизбраниот американски претседател“,
вели Костадинов во изјавата објавена на својот фејсбук-профил.
Освен за припојување на Македонија, Костадинов смета дека Бугарија мора да ги потврди своите претензии и кон јужните делови на регионот Бесарабија – историска област во Источна Европа, чии две третини се наоѓаат во рамки на денешна Молдавија и мал дел на украинска територија.
„Јужна Бесарабија е дел од бугарската држава повеќе од 450 години, Бугарите се домородно население на оваа област од 6 век и до денес се мнозинство од населението. За споредба, Украина ја поседува само Јужна Бесарабија 34 години. Украина се распаѓа и на идниот мировен конгрес, на којшто ќе се решава судбината на неопстоивата т.н. украинската државност, Бугарија мора да ги потврди своите претензии кон бугарска Бесарабија“,
додава лидерот на Преродба.