Премиерот Курти, како што јавува РСЕ, му честиташе на Рашиќ за „новите институционални должности и одговорности во Република Косово“. Рашиќ на функцијата министер беше поставен откако од функцијата оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа
Лидерот на Прогресивната демократска партија, Ненад Рашиќ, за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдил дека е именуван на функцијата министер за заедници во владата на Косово на премиерот Албин Курти.

Оваа информација ја потврдија и од Владата на Косово.
Премиерот Курти, како што јавува РСЕ, му честиташе на Рашиќ за „новите институционални должности и одговорности во Република Косово“.
Рашиќ на функцијата министер беше поставен откако од функцијата оставка поднесе Горан Ракиќ од редовите на Српската листа.
Имено, косовските Срби колективно ги напуштија институциите во знак на протест поради одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата со српски регистарски ознаки со РКС (Република Косово).
Освен Ракиќ, од функциите си заминаа и пратениците во собранието на Косово, како и градоначалниците на четири општини на северот на Косово. Исто така, Србите ги напуштија другите институции на северот, како што се полицијата и судството.
На тој чекор се решија откако директорот на полицијата за северниот регион Ненад Ѓуриќ беше разрешен бидејќи одби да ја спроведе одлуката на владата на Косово за пререгистрација на возилата.
Владата на Косово од 1 ноември почна да го спроведува планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од Србија за градовите во Косово. Главно се работи за таблички КМ (Косовска Митровица) и планот е преку три фази да се префрлат на таблички со ознака РКС.
По тензиите кои траеја речиси еден месец, Белград и Приштина успеаја да постигнат договор и да ја смират ситуацијата. На 23 ноември, шефот на европската дипломатија соопшти дека е договорено Србија да престане да издава регистарски таблички со имињата на косовските градови, а Косово ќе ги прекине понатамошните активности поврзани со пререгистрацијата на возилата.
Инаку, Рашиќ во последните неколку години настапуваше како српски опозициски политичар на Косово, но пред формирањето на Српската листа во 2013 година беше пратеник во собранието на Косово, но и во владата.
Во 2020 година косовскиот премиер Абин Курти го назначи за директор на Канцеларијата за заедници, но тој брзо поднесе оставка бидејќи Специјалното обвинителство поднесе обвинение против него.
Во меѓувреме, Основниот суд во Приштина го ослободи од обвиненијата покренати против него, а во врска со кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.