Косовската полиција изјави дека од 22 ноември започнува да ги казнува сите возачи кои не ги пререгистрирале регистраските таблички на возилата. Полицијата ќе казнува до 21 јануари 2023 г. а според податоците до денес, биле издадени околу 1 750 опомени на возачи кои возат со српски регистарски таблички.
Ова доаѓа по новата криза на релација Приштина – Белград, која настана откако припадниците на српската заедница на северот од Косово ги напуштија косовските институции противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со КМ ( Косовска Митровица) таблички издадени од властите на Србија.
Овие таблички се нелегални за Косово, но досега се толерирани во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Претходно и косовскиот премиер Курти потврди дека преговорите по ова прашање се во тек, но дали ќе бидат успешни треба да се види во наредните денови.
Во меѓувреме, портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Петер Стано, изјави дека Курти и Вучиќ биле поканети на средба во Брисел за да се најде решение за табличките.
Советникот во американскиот Стејт департмент Дерек Шоле напиша дека разговарал со косовскиот премиер Албин Курти од кого побарал да ја одложи одлуката за замена на српските со косовски регистарски таблички во обид да се спречи понатамошна ескалација на состојбата на северот од земјата.
САД и ЕУ и претходно побараа од Косово да го одложи ова прашање за уште десет месеци. Од друга страна, официјален Белград бара договор за ова прашање, односно враќање на статусно неутралните таблички КС во употреба.
Регистарските таблички издадени од српските власти Приштина ги смета за нелегални, но досега се толерираа на северот на Косово. Во Косово од 1 ноември официјално стапи во сила одлуката на владата на премиерот Албин Курти, според која регистарските таблички на возилата на косовските граѓани регистрирани во Србија треба да се заменат со оние што се пропишани со законите на Република Косово.
Претходно, на 31 јули годинава, прашањето за пререгистрација на автомобилите предизвика тензии на северот на Косово, кога локалните Срби ги блокираа патиштата. Затоа, Косово на иницијатива на меѓународната заедница и за деескалација на ситуацијата ја одложи одлуката за пререгистрација за еден месец.
Инаку претходно, косовскиот полициски инспекторат препорача суспензија на директорот на полицијата од северниот регион од земјата која одбива да ја спроведува одлуката на косовската влада за издавање предупредувања на сопствениците на автомобили со српски регистарски таблички, што со себе повлече низа оставки на српски политичари, судии но и полицајци во Косовските институции.