Косовските власти, за утре најавија почеток на изрекување казни за сопствениците на возила со српски таблички, а Вучиќ изјави дека доколку Курти сакал да ја одложи одлуката за табличките, тоа ќе го направел порано
Претседателот на Србија Александар Вучиќ потврди дека утре наутро во Брисел ќе почнат разговори на кои итно се поканети тој и премиерот на Косово Албин Курти.
„Не сум оптимист, ќе заминам не затоа што мислам дека можеме се, туку да не им ја дадеме таканаречената Лајбницова „доволна причина“ да ја обвинат Србија дека не сака да учествува во нешто“,
изјави Вучиќ за ТВ Прва.
Тој повтори дека Белград бара формирање Заедница на српските општини во согласност со предлогот на српскиот менаџерски тим и укинување на одлуката за регистарски таблички.
„Рековме дека тие мора да ја формираат Заедницата на српските општини согласно предлогот на српскиот менаџерски тим, а не германските невладини организации, бидејќи тоа не се прави за германските невладини организации, туку за српскиот народ. И да се укине одлуката за таблички, бидејќи заедно со западните претставници ја доведоа во заблуда јавноста дека имаат право на тоа, но дека тајмингот не е добар“,
објасни Вучиќ.
Претседателот на Србија рече дека нема сомнеж оти ситуацијата е потешка отколку во последните десет години и оти не се работи само за табличките, туку и за одлуките што Курти ги соопшти на неодамнешната средба во Берлин.
Тогаш, како што рече Вучиќ, Курти по којзнае кој пат објави дека нема ништо од ЗСО, дека поради регистарските таблички прво ќе има опомени, а потоа казни и дека одлуката за смена на полицискиот командир за северот Ненад Ѓуриќ, беше последната капка, иако нема никакви права.
Вучиќ рече дека е подготвен да разговара за француско-германскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, бидејќи Белград сака да даде шанса за промени во тоа понудено решение.
„Ниту велам дека одбивме ниту дека го прифативме предлогот, бидејќи сме подготвени за разговори“,
изјави Вучиќ.
Тој повтори дека на Белград не му била дадена шанса.
Косовските власти, за утре најавија почеток на изрекување казни за сопствениците на возила со српски таблички, а Вучиќ изјави дека доколку Курти сакал да ја одложи одлуката за табличките, тоа ќе го направел порано.
„Србите разбраа дека нема можност да разговараат со тој човек“,
нагласи тој.
Вучиќ потсети дека Приштина, штом Србите ги напуштија косовските институции, веднаш најави избори во четири општини, „без губење време“, но дека Србите ќе ги бојкотираат.
Тој предупреди дека ќе има „пекол на теренот“ доколку се обиде да се спроведе одлуката за регистарски таблички на северот.
„Србија ќе го заштити својот народ и своите огништа. Се надевам дека тоа нема да се случи, но тоа не зависи од нас“,
изјави Вучиќ.