Тој нагласи дека Србите во Косово треба веднаш да се вратат во косовските институции и да продолжат со своите должности, а Косово треба да ги усогласи процедурите за регистарски таблички со претходните договори од Дијалогот и да започне преговори за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население (ЗСО) без понатамошно одлагање
По одвоените средби во Париз со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел побара од Белград и Приштина да најдат итно решение за актуелната криза меѓу нив.
Тој нагласи дека Србите во Косово треба веднаш да се вратат во косовските институции и да продолжат со своите должности, а Косово треба да ги усогласи процедурите за регистарски таблички со претходните договори од Дијалогот и да започне преговори за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население (ЗСО) без понатамошно одлагање.
Борел, заедно со претставникот на ЕУ за Косово, Мирослав Лајчак, разговараше со Вучиќ и Курти и ги повика двете страни конструктивно да се ангажираат и да покажат подготвеност за компромис и да ги почитуваат обврските од Дијалогот.
„Овие обврски, преземени во рамките на Дијалогот, остануваат валидни и обврзувачки“,
истакнал Борел, стои во објавата на официјалната веб-страница на ЕУ.
Со оглед на војната во Украина, додаде Борел, Европа не може да има уште еден конфликт на нејзино тло, нагласувајќи дека Белград и Приштина се одговорни да го избегнат тоа.
„Неподготвеноста да се спроведат обврските од Дијалогот и брзо да се намали тензијата ќе има штетни последици пред се за народот на Косово и Србија, за европската иднина на двете страни и довербата во нив во очите на европските и меѓународните партнери“,
предупреди високиот претставник на ЕУ, и додаде дека нормализацијата на односите меѓу двете страни е клучен фактор за нивниот напредок на европскиот пат.
За разговорите со Вучиќ и Курти, Борел најави дека ќе ги информира земјите членки на ЕУ и ќе даде своја анализа на ситуацијата.
По средбата со Борел и Лајчак, српскиот претседател Александар Вучиќ ја истакна важноста земјите членки на ЕУ да го задржат ставот оти Приштина треба да ги исполнува своите обврски, притоа мислејќи на формирање на Заедницата на српски општини на северот на Косово.