„Полициските сили на Северна Македонија се активен член на нашата организација и ние имаме голема корист од ова партнерство. Едниот од двајцата македонски функционери во нашето седиште ја предводи целата глобална програма за бегалци, барани и исчезнати лица“, рече тој
Како најголеми безбедносни закани денес, тој ги издвои глобалниот раст на трговијата со дрога што на криминалните групи им носи огромни финансиски ресурси за подобра опрема и технолошкиот напредок преку киберкриминалот

Со развојот на вештачката интелигенција и дигиталните плаќања, криминалот целосно ги брише границите и се трансформира во транснационална операција. Во вакви услови, глобалната соработка меѓу полициските агенции е клучна и поважна од кога било, порача генералниот секретар на Интерпол, Валдеси Уркиза, во своето гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
„Криминалците се движат брзо. Исто така, гледаме како тие многу брзо ги префрлаат финансиските средства преку границите со новите средства за дигитално плаќање. Гледаме како тие ја користат технологијата за да го прошират географскиот пристап на нивните криминални активности. Значи, можам да ви кажам дека сите криминални области и активности, сега се всушност транснационални операции“,
рече Уркиза.
Според него, големината на една држава не е пречка за нејзиниот придонес во глобалната безбедност посочувајќи ја како пример Северна Македонија.
Тој откри дека во моментов двајца функционери од Македонија работат директно во седиштето на Интерпол.
„Полициските сили на Северна Македонија се активен член на нашата организација и ние имаме голема корист од ова партнерство. Едниот од двајцата македонски функционери во нашето седиште ја предводи целата глобална програма за бегалци, барани и исчезнати лица“,
рече Уркиза.
Тој додаде дека локалните македонски агенции се веќе длабоко вклучени во оперативни активности за борба против трговија со дрога, луѓе и оружје. Дополнително, од ноември минатата година, македонската Полициска академија е дел од глобалната мрежа на Интерпол, што овозможува и странски полицајци да учат од македонската експертиза.
Уркиза нагласи дека македонската полиција има клучен преглед врз информациите за заканите и криминалните мрежи што транзитираат низ Западен Балкан. Според него, криминалните групи од овој регион веќе не дејствуваат изолирано, туку се целосно интегрирани на глобално ниво.
Како најголеми безбедносни закани денес, тој ги издвои глобалниот раст на трговијата со дрога што на криминалните групи им носи огромни финансиски ресурси за подобра опрема и технолошкиот напредок преку киберкриминалот.
Генералниот секретар на Интерпол објасни и како вештачката интелигенција ги менува правилата.
„Благодарение на ВИ-алатките, киберкриминалците повеќе не мора да бидат експерти. Тие ги користат тие алатки за да ја развијат потребната експертиза. Тие, исто така, ја користат за да стигнат до повеќе жртви. Така, тие се во можност да обработуваат повеќе информации. Тие се во можност да автоматизираат некои од активностите и нивното влијание станува сè поголемо и поголемо“,
рече Уркиза.
Истражувањето на овие дела станува екстремно сложено и бара од полициските службеници да поседуваат специфична техничка експертиза и опрема поради што веќе се менува и профилот на кадри кои полицијата ги регрутира.
Од друга страна, рече тој, агенциите за спроведување на законот веќе усвојуваат ВИ-решенија. Иако не со исто темпо како криминалците, оваа технологија на полицијата ѝ овозможува да обработи огромен број податоци и да спречи злосторства кои претходно, со мануелна работа, биле невозможни за откривање.
За да ја илустрира моќта на оваа мрежа, Уркиза посочи дека базата на Интерпол содржи над 150 милиони криминални досиеја, кои само минатата година биле проверени повеќе од девет милијарди пати. Кога македонските власти ќе внесат баран криминалец во системот, тој автоматски се проверува на сите гранични контроли и списоци на патници во светот.
