„Спроведувањето на одлуката за изрекување глоби согласно важечките закони, според проценката и планот на полицијата, се очекува да започне на 22 ноември во утринската смена“, соопшти косовската полиција
Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Брисел не постигнаа договор за регистарските таблички со ознаки КМ (Косовска Митровица). Овие таблички, кои се издадени од властите на Србија и се користат само во четири општини на северот на Косово каде живее мнозинско српско население, се нелегални за официјална Приштина
Косовската полиција потврди дека од утре, 22 ноември, ќе почне да ја спроведува одлуката на косовските власти и да изрекува казни на возачите кои управуваат возила со српски регистарски таблички. Изрекувањето казни ќе започне утре изутрина по 8:00 часот, јави српскиот јавен сервис РТС.
„Спроведувањето на одлуката за изрекување глоби согласно важечките закони, според проценката и планот на полицијата, се очекува да започне на 22 ноември во утринската смена“,
соопшти косовската полиција.
РТС објави, но не ги потврди информациите на дел од албанските медиуми дека на специјалните полициски единици на Косово им било наредено да се подготват и да преминат во северниот косовски реон.
Според медиумот, денеска во попладневните часови од базата Белведере на југот на Митровица кон север биле забележани движења на специјалните единици во оклопни возила, каде вообичаено се наоѓаат четири бази на мобилните единици на граничната полиција.
РТС додава дека од командата на мисијата ЕУЛЕКС и КФОР посочуваат дека нивните припадници, иако се присутни на терен, не можат да ја преземат улогата на полицијата и дека тоа не е во нивниот мандат.
Изрекувањето на казни за возачите чии возила не се пререгистрирани е дел од одлуката на владата на Косово за пререгистрација на автомобили со српски регистарски таблички во таблички со ознаки РКС, Република Косово.
Мерката за предупредување траеше до денеска, а до 20 ноември, според податоците на косовската полиција, биле издадени околу 1 740 опомени на возачи на автомобили со нелегални српски регистарски таблички. Од утре, пак, полицијата на Косово ќе изрекува глоби од по 150 евра за возачите кои не ги пререгистрирале табличките.
Србите во северните општини на Косово предупредија дека ќе се спротивстават на изрекувањето казни, исто како што се спротивставија на одлуката на владата за регистарските таблички.
Планот за пререгистрација на автомобили со регистарски таблички издадени од Србија предвидува три фази.
Првата фаза вклучуваше предупредување до возачите, втората предвидува изрекување казни до 150 евра за возачите кои нема да ги пререгистрираат возилата. Третата фаза, пак, предвидува издавање пробни таблички до 21 април, кога според одлуката на владата на Косово, во таа земја ќе бидат забранети регистарските таблички издадени од Србија, па се предвидува само автомобили таблички со ознаки РКС да возат по патиштата.
Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Брисел не постигнаа договор за регистарските таблички со ознаки КМ (Косовска Митровица). Овие таблички, кои се издадени од властите на Србија и се користат само во четири општини на северот на Косово каде живее мнозинско српско население, се нелегални за официјална Приштина.
По неуспешниот состанок со Вучиќ и посредниците на Европската Унија, Курти изјави дека предлогот на ЕУ во врска со српските регистарски таблички е неприфатлив за косовските власти, а дека посредниците на ЕУ „се откажале“ од нивниот предлог за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.