Според одговорот од полицијата, нападот бил извршен од четири лица и оти истражителите преземаат мерки со цел да ги идентификуваат и приведат напаѓачите
Косовската полиција вечерва потврди дека е пријавен напад на малолетно лице во населбата Сув Дол откако српската Канцеларија за Косово и Метохија објави дека 15-годишно момче со српска националност било нападнато од повозрасни Албанци само затоа што е Србин.
Потврдата од косовската полиција ја дале за порталот „Кос Сев“, велејќи дека случајот кај нив е класифициран како нанесување лесни телесни повреди.
Во одговорот се посочува дека според пријавата, нападот бил од четири лица и оти истражителите преземаат мерки со цел да ги идентификуваат и приведат напаѓачите.
Претходно од српската Канцеларија опишаа дека напаѓачите се движеле со автомобил и првично му дофрлале на момчето на албански јазик. Откако тоа ја наведнало главата, што било знак дека не го разбира јазикот и дека станува збор за Србин, напаѓачите запреле со автомобилот и го нападнале.
Детето со неговиот татко биле и во Клиничката болница во Косовска Митровица каде му биле констатирани видливи повреди на главата, хематоми и гребаници, како и модринка под окото.