Косово оди на предвремени избори откако Уставниот суд во декември 2020 одлучи дека актуелната влада на Хоти е нелегитимна зашто за неа гласал пратеник осуден на затворска казна
Утре, граѓаните на Косово ќе гласаат на предвремени парламентарни избори, а од синоќа на полноќ стапи на сила изборен молк, кој ќе заврши утре во 19 часот кога треба да се затворат избирачките места.
Официјалната кампања за овие, осми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово, започна на 3 февруари, а за следење на изборниот процес се акредитирани околу 20 илјади набљудувачи, кои доаѓаат од политичките партии, медиумите, амбасадите, невладините и други организации.
На изборите учествуваат 28 политички субјекти сертифицирани од Централната изборна комисија (ЦИК). За 120 места во косовскиот парламент во трка се 1 068 кандидати.
Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1 794 862 лица.
Оценка на медиумите и набљудувачите е дека кампањата помина мирно и без инциденти, со одредени прекршувања на изборниот кодекс, како што е употребата на деца во кампањата, притисоци врз гласачите да гласаат за одредени субјекти, истакнување изборни плакати на јавни места и слично.
Најмногу забелешки, а и парични казни за политичките партии, имаше поради непочитување на Законот за превенција и борба против ковид-19 на предизборните митинзи.
Косово оди на предвремени избори откако Уставниот суд во декември 2020 одлучи дека актуелната влада на Хоти е нелегитимна. Ваквата иницијатива до судот порекна поранешниот премиер, Албин Курти, од Движењето за самоопределување од причина што за владата на Хоти гласал пратеникот Етем Арифи кој претходно бил правосилно осуден за измама од 1 година и 3 месеци затвор.
Според Уставот на Косово, мандатот на пратеник се поништува ако тој е правосилно осуден на една или повеќе години затвор, со што се процени дека гласот на Арифи бил нелегитимен, а со тоа и изборот на владата на Хоти бидејќи истата беше изгласана на работ на потребното мнозинство од 61 глас.