Трговските центри и баровите затвораат во 21 часот, се редуцира бројот на вработените во јавните и приватните претпријатија, студентите на онлајн предавања
Изминатото деноноќие во Косово се регистрирани девет смртни случаи на лица заразени од новиот коронавирус, така што бројката на жртви на пандемијата на ковид-19 достигна до 697.
Како што јави МИА, повикувајќи се на денешното соопштение на Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) се наведува дека, од извршените 1 374 теста, 36 отсто или 486 лица се позитивни на новиот коронавирус.
Со тоа, вкупниот број на лица со коронавирус од почетокот на епидемијата во Косово е 20 655.
Согласно официјалните статистики на косовските здравствено власти, во земјата во моментот има 4 317 активни случаи.
Откако минатите десетина дена беше забележано видно зголемување на бројките на заразени од новиот коронавирус, од денеска во Косово стапија во сила нови, заострени, мерки за спречување на ширењето на епидемијата.
Тоа меѓу другото, подразбира затворање на трговските центри и на угостителските објекти од 21 до пет часот, се редуцира персоналот во јавните и приватните претпријатија, освен во безбедносните и здравствените институции, додека наставата на државните и приватните универзитети ќе се изведува исклучиво онлајн.