Според поранешниот косовски премиер, Косово треба без одлагање да го спроведе планот што на почетокот на годинава го предложија Франција и Германија за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија за надминување на меѓусебните спорови
Косово не треба да биде заложник на деструктивноста на Србија, туку треба да ја продолжи перспективата кон членство во НАТО и Европската Унија, изјави шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), поранешниот премиер Рамуш Харадинај.
Во објава на Фејсбук вечерва, Харадинај порача дека Косово во континуитет докажува дека е за западните и евроатлантските вредности и е секогаш конструктивно во пристапот за постигнување конечен договор за меѓусебно признавање со Србија.
Според поранешниот косовски премиер, Косово треба без одлагање да го спроведе планот што на почетокот на годинава го предложија Франција и Германија за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија за надминување на меѓусебните спорови.
„Србија, од друга страна, континуирано ги саботира напорите за траен мировен договор меѓу двете земји, со цел да се врати времето на конфликтот. Нема сомнеж дека таа и денес го следи овој курс. Косово во таква ситуација, без да мора да докажува колку е лоша Србија, треба да го следи својот евроатлантски курс и да ги исполни преземените обврски спроведувајќи го без одлагање француско-германскиот план“,
напиша Харадинај.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска повтори дека се подготвени да ги исполнат своите обврски, но дека не можат да ја прифатат независноста на Косово и додаде дека владата на Албин Курти се обидува со разни трикови да влијае на претставниците на меѓународната заедница, но и дека, како што посочи, многумина од нив се преправаат дека не го гледаат тоа.