Делегацијата на ЕУ, како и евроамбасадорот Дејвид Гир реагираа повеќепати дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ, што не се прави во овој случај. Слична порака стигна и од седиштето на Европската комисија во Брисел
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски утре во Црна Гора ќе го потпише анексот на договорот со Европска Унија со кој Коридорот 8 ќе влезе на мапата на главните коридори на Западен Балкан, а во рамките на проширување на Трансевропските транспортни мрежи на Европската Унија. Тоа е еден од аргументите на Владата за користењето европско знаменце на предлог-измените на неколку закони поврзани со изградбата на автопатите од „Бехтел и Енка“.
Од Владата, на денешниот брифинг со новинарите, повторија дека ставањето европско знаме на измените на петте закони има политичка оправданост поради блокадата од опозицијата. Во тоа, велат од Владата, ВМРО-ДПМНЕ се крие зад Левица.
„Законските измени ќе ја забрзаат изградбата не само на овие, туку и на други проекти од национален интерес“,
рекоа од Владата.
На денешниот брифинг, на прашањето – колку европски пари (грантови или кредити) ќе добие Владата за да ја финансира изградбата на четирите автопатски делници, од Владата одговорија дека овој проект ќе се финансира со пари од домашниот буџет.
Делегацијата на ЕУ, како и евроамбасадорот Дејвид Гир реагираа повеќепати дека европско знаменце треба да се користи само при усогласување на македонското со законодавството на ЕУ, што не се прави во овој случај. Слична порака стигна и од седиштето на Европската комисија во Брисел.
Владини претставници на брифингот информираа дека во Секретаријатот за европски прашања, со кој раководи вицепремиерот Бојан Маричиќ, пристигнало писмо преку кое ЕУ бара детално објаснување за проектот. Од кабинетот на Маричиќ рекле дека станува збор за кредибилен и транспарентен проект поддржан со специјален закон со кој автопатите треба да се изградат побрзо и поевтино.
На средбата во Црна Гора, на која ќе биде потпишан анексот меѓу Северна Македонија и ЕУ, покрај министерот Бочварски, се очекува присуство на министрите за транспорт во регионот, како и на претставници на Транспортната заедница и на Европската комисија, при што ваков анекс ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија.
Одлуката за потпишување на анексот со Европската Унија, Владата ја донесе на седница на 10 мај годинава.