Во текот на денешниот ден ќе се знае дали Комисијата за заразни болести ќе даде препораката до Владата за дозвола за дневен престој на деца што нема кој да ги чува по завршување на часовите.
Одлуката, како што соопшти вчера директорот на Здравствен дом Скопје, Виктор Исјановски, ќе зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест ковид-19 и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.
Тој, пак, не ја исклучи ниту можноста за повторно затворање на градинките доколку дојде до влошување на состојбата.
Од среда, 23 септември, на работа се враќаат лицата што користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа.
На работа, од среда, се враќаат и хронично болните. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таа потврда, овие лица ќе користат боледување.