Епидемиолошката состојба ќе покаже дали во иднина ќе треба повторно да се затворат градинките.
Вакви изјави денеска стигнаа и од министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и од директорот на Здравствен дом Скопје д-р Виктор Исјановски кој е член на Комисијата за заразни болести.
„Да, можно е повторно затворање на градинките, можно и да се преземат одредени мерки и да се дадат насоки од Комисијата кон Владата“,
рече Исјановски, одговарајќи на новинарски прашања.
Министерката Шахпаска уверува дека ситуацијата во градинките будно се следи на дневно ниво и согласно состојбите во иднина и ставовите на надлежните институции, ќе се носат идните одлуки.
„Ние како Министерство од моментот на носење на одлуката за отворање на градинките на дневно ниво ја следиме состојбата со здравствената состојба на децата и вработените. Врз основа на овие информации ќе градиме ставови и заклучоци на кој начин треба да се однесуваме во периодот пред нас. Будно ја следиме состојбата и врз основа на развојот на епидемиолошката состојба, пред сè на ставовите на Комисијата за заразни болести, но и на нашите како Министерство за труд и социјална политика и на Министерството за здравство, како ресорни министерства, ќе ги градиме одлуките“,
вели Шахпаска.
Таа уште еднаш повикувајќи се на извештаите од министерството уверуваше дека има капацитети во градинките. Од 19 000 слободни места, родителите пријавиле околу 14 500 деца. Сепак, анализите покажале дека на терен не се исполнети ни тие 14 500 места бидејќи има родители чии деца се запишани, но не ги носат во градинка. Затоа, според Шахпаска, од градинките ќе ги контактираат родителите со цел да се види дали ќе ги носат децата за да не се држи за џабе некое место зафатено.
Доколу во една градинка се пополнети капацитети, повтори Шахпаска, општините треба да ги сместат децата во друга градинка на нивните територии, но има и алтернативни начини во случај да нема место во ниту една градинка, како што се училници, просториите во домовите на културата и др.
Градинките почнаа со работа на 9 септември, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот. Прв случај беше забележан на 15 септември во градинката „13 Ноември“ во Општина Центар во Скопје.
Во Струмица, пак, досега се дијагностицирани три деца од иста група позитивни на ковид-19.