Опозиционерите обвинуваат дека додека граѓаните се мачат да врзат крај со крај, а цените незапирливо растат, владејачката партија со народни пари ја слави, како што велат, безидејноста на своето владеење и изолацијата од Европската Унија
Колку ги платија граѓаните за прославата на Мицкоски и ВМРО во Струмица – прашуваат од опозицискиот СДСМ по вчерашниот настан на кој владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја одбележа 36-годишнината од основањето на партијата.

Во соопштението испратено до медиумите, опозиционерите обвинуваат дека додека граѓаните се мачат да врзат крај со крај, а цените незапирливо растат, владејачката партија со народни пари ја слави, како што велат, безидејноста на своето владеење и изолацијата од Европската Унија.
„Колку ги чинеше граѓаните на Македонија прославата на Мицкоски и ВМРО во Струмица? 300 000 евра? 500 000 евра? Или многу повеќе? Превоз со автобуси, списоци од вработени по јавна администрација од цела Македонија, дневници? Колку ги чинеше тоа граѓаните? Како да го донеле Дејвид Гета? Колку платија граѓаните за Мицкоски да ги слави неуспесите и извештајот на Европскиот парламент за изолацијата на Македонија?“,
прашуваат од СДСМ.
Нема пари за повисоки плати, за субвенции за земјоделците, за 600 евра минимална плата, за поддршка на младите, велат од СДСМ, а има пари за криминални тендери и луксуз на владејачка ВМРО.
Вчеравечер на градскиот плоштад во Струмица се одржа прослава по повод 36 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. На бината беа изведени песни и музички изведби со претежно патриотски наратив, а присутните имаа можност да погледнат и сцени од историски личности, анимирани со помош на вештачка интелигенција. Беше прикажан и краток документарен филм за развојот на партијата од нејзините почетоци во независна Македонија.
