Холштајн истакна дека Германија и понатаму е подготвена да ја поддржи земјава во сузбивањето на корупцијата и потсети притоа дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеење на правото е една голема рамка и дека тоа е поглавје кое прво се отвора, а последно се затвора
Колку брзо Северна Македонија ќе напредува на својот пат кон Европската Унија зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите, а се разбира една од главните е сузбивањето на корупцијата.

Ова денеска го изјава германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, одговарајќи на новинарски прашања на настан по повод примопредавањето на донација во возила и опрема за МВР од Сојузна Република Германија.
Холштајн истакна дека Германија и понатаму е подготвена да ја поддржи земјава во сузбивањето на корупцијата, потсетувајќи притоа дека во пристапниот процес кон ЕУ поглавјето за владеење на правото е една голема рамка и дека тоа е поглавје кое прво се отвора, а последно се затвора.
„Токму во ова поглавје владеење на правото има толку многу работи кои што мора да се направата, а тоа е случај и со Северна Македонија. Тоа го кажа и мојот претседател (за време на неговата официјална посета на земјава, минатата недела). Тој кажа дека во зависност од тоа колку брзо Северна Македонија ќе прави напредок на својот пат кон ЕУ зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите, а се разбира една од главните е сузбивањето на корупцијата. Ние и понатаму сме подготвени да ја поддржиме Северна Македонија во сузбивањето на корупцијата и сите ние сме сложни дека тоа е особено тешка задача која претстои“,
изјави германската амбасадорка во земјава.
Таа додаде дека тоа се однесува не само на политичарите туку и на сите граѓани на земјава и дека сите треба да научат, и најмалите и најголемите како се води борбата против корупцијата.
„Сите луѓе треба да сфатат дека кога ќе отидат на доктор не треба да стават некоја банкнота во мантилот на лекарот или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок за 8-ми Март за ученикот да добие подобра оценка“,
сликовито порача амбасадорката.
Изминатиов период се почесто доаѓаат пораки од дипломатските претставници на најзначајните партнерски земји во кои се нотира недоволен ангажман на С Македонија во борбата со корупцијата.
Најдиректна околу ова прашање е амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која во петокот, минатата недела, во своето обраќање по повод одбележувањето на јубилејната 30-годишнина од партнерството на УСАИД – Американска агенција за меѓународен развој со С Македонија рече дека иако земјава чекори на патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи нејзиниот напредок.
„Намалувањето на корупцијата, е важно затоа што корупцијата во која било форма ја оневозможува оваа земја да напредува во економска, социјална, образовна и структурна смисла, за кои знаеме дека може и треба да продолжи да ги постигнува. Иако чекорите по патот кон ЕУ, корупцијата продолжува да го кочи напредокот на Северна Македонија преку забавување на економскиот раст и поттикнување на најталентираните млади луѓе од земјата да бараат можности во странство“,
порача амбасадорката на САД.