Највисок скок на цените споредено со вчера може да се забележи кај маслото за јадење. Меѓутоа, во два синџири маркети што ги посетивме рафотвите беа празни, а вработените велат дека купувачите ги „исчистиле“ вчера, со оглед на очекуваното поскапување
Утрово, како и секое претходно, беше раздвижено по маркетите во главниот град, што од купувачи, а што од вработени кои ги редеа производите на полиците. Но, овој пат основните продукти како лебот, млекото и јајцата, кои до вчера ги купувавме по поевтина цена и за кои немаше ДДВ, беа со покачени цени за два, три, пет, па и дваесет денари, во зависност од производот.
Покачувањето на цените на лебот, млекото, маслото за јадење, јајцата, оризот, месото, брашното и шеќерот доаѓа откако вчера престана да важи антикризната мерката со која ДДВ од пет отсто беше симнато на нула – мерка што стапи во сила на 17 март годинава.
Во обиколката на неколку синџир маркети што ја направи „360 степени“ денеска наутро можеше да се забележи дека повеќето од продуктите во сите маркети беа поскапени.
Најголем ценовен скок убедливо има кај сончогледовото масло за јадење. Па така, во првиот синџир маркети што го посетивме вчера цената на маслото за јадење беше 135 денари, а денеска неговата цена беше за цели 20 денари повисока и сега изнесува 155 денари.
Во вториот поголем маркет кој го посетивме, пак, вчера маслото за јадење чинеше исто како и во првиот маркет – 135 денари. Денеска наутро тој беше поскап за 7 денари – цената изнесуваше 142 денари.
Но, и во двата маркети ниту вчера ниту денеска немаше сончогледово масло на рафтовите, за што вработените велат дека сè се купило вчера пред денешното покачување на цените.
Освен кај маслото за јадење, поскапувања има и кај другите прехранбени продукти за кои веќе не важи мерката за нула отсто ДДВ.
Па така, во првиот маркет вчера цената на килограм брашно тип 400 се движеше од 38 до 50 денари, во зависност од производителот. Денеска, во истиот маркет, цената на еден килограм брашно тип 400 се движеше од 44 до 58 денари.
Оризот во истиот маркет вчера беше со цена од 66 денари за 800 грама, а денеска истиот продукт се продава 10 денари поскапо, односно за 76 денари.
За пет денари во истиот маркет е поскапен и шеќерот – вчера беше 54 денари, а денеска се продава за 59 денари. Поскапување имаше и кај лебот. Ако се земе за пример леб од еден производител кој вчера чинеше 37 денари, неговата цена денеска е за шест денари повисока, односно се продава за 43 денари.
Цените на млекото и јајцата во првиот синџир маркети во моментов на нашата обиколка не беа променети. На пример, млеко со масленост 3,2 отсто од еден производител и вчера и денеска беше по 62 денари. Пакување од десет јајца од еден производител и вчера и денеска се продаваа по истата цена – 97 денари.
Сепак, со оглед на најавите што ни ги кажаа дел од вработените во разговорите со нив и земајќи предвид дека во моментот на нашата обиколка некои од нив сè уште ги менуваа цените на рафтовите, во текот на денот треба да се очекуваат повисоки цени и на овие продукти.
Слично беше и во вториот синџир маркети што го посетивме. Брашното тип 400 од различни производители вчера се продаваше за сума од 41 до 47 денари. Денеска, неговата цена се движи во интервал од 43 до 47 денари.
За околу три денари од вчера до денеска беше поскапено и млекото во овој маркет. Вчера еден литар од конкретен производител беше 60, а денеска истото млеко чинеше 63 денари.
Сличен е и скокот кај цената на шеќерот во вториот маркет од нашата обиколка. На пример, од еден производител вчера беше 52, а денеска истиот се продаваше за 55 денари.
Како и кај првиот маркет, и во овој цената на јајцата беше непроменета. Ако се земе за пример пакување од 10 јајца од конкретен производител, цената и вчера и утрово беше 75 денари. Слично беше и со цената на лебот, која за време на нашата посета сè уште беше иста како и вчерашната.
Освен масовното пазарење во маркетите пред денешните поскапувањата на цените на производите, вчера масовни колони од возила се создадоа и пред бензинските пумпи каде што граѓани чекаа да ги наполнат резервоарите за некој денар поевтино, пред во сила да стапат и новите цени на горивата повисоки за околу 9 денари.