Претседателката на Советот, Душица Димитриеска, во изјава за медиумите рече дека Советот ќе го следи текот на кривичната постапка против Мемети и согласно нејзиниот исход ќе постапи согласно закон. Таа појасни дека постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа во конкретниот случај е невозможна
Членот и замени-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, кој е второосомничен во истрагата за примање поткуп со врховниот суд Наке Георгиев, не би требало да учествува во работата Советот и во носењето одлуки.

Ова е препораката на неговите колеги кои денеска на седница дискутираа за постапката против Мемети, кои дополнително во своите излагања образложија дека во моментов немаат законска можност да го разрешат од функцијата, пренесува МИА.
Како што рекоа, оставаат на совеста и на моралот на нивниот осомничен колега дали ќе учествува или не во работата на ова тело додека трае кривичната постапка против него.
Столчето на Мемети денеска беше празно бидејќи, како што информира претседателката на Советот, Душица Димитриеска, тој претходно ја информирал дека нема да присуствува на денешната седница и оти размислува да се повлече од функцијата заменик-претседател на Советот.
Неговата колешка, членката на Советот на јавни обвинители Кети Петкова, рече дека Законот за Советот на јавни обвинители не предвидува можност за отстранување од работното место додека трае кривична постапка.
Од тој аспект, рече таа, на членовите на Советот им се врзани рацете да можат како било да го тргнат влијанието на членот.
„Иако немаме законска можност да постапиме со таа одредба што би била најлогична, не смееме да останеме неми и да не ги кажеме детектираните слабости по постапувањето по овој предмет“,
рече таа.
Таа се осврна и на отворената кривична постапка и на извршениот претрес во Советот, за што рече дека задираат директно во интегритетот на Советот како институција и на нив како членови.
Членката на Советот, Светлана Жупановска, пак, посочи дека е оставено на доблеста на Мемети да одлучи дали ќе учествува во неговата работа.
Поранешен претседател на ова тело, Антонио Јолевски, се согласи со своите колешки и му препорача на Мемети да не учествува во работата на Советот.
„Оставаме на совеста, на моралот на членот на Советот дали би учествувал. Би препорачал, особено при избори и разрешување, да не учествува бидејќи токму во тие ситуации ќе се доведе во прашање кредибилитетот, дека во тие избори учествувал член на Советот за кој се води постапка во надлежното обвинителство“,
наведе Јолевски.
По расправата, претседателката на Советот, Душица Димитриеска, во изјава за медиумите рече дека Советот ќе го следи текот на кривичната постапка и согласно нејзиниот исход ќе постапи согласно закон.
Димитриеска појасни дека постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа во конкретниот случај е невозможна.
„Постапка за разрешување е предвидена, меѓутоа, таа постапка треба да отпочне со образложено барање кое треба да биде поднесено од најмалку 20 јавни обвинители и една третина од членови на Советот, ова барање треба да е поткрепено со докази, во конкретниов случај тоа не може да се донесе“,
рече таа.

Претседателката дополни дека Советот не може да му забрани на Мемети да присуствува на седниците, а тоа може да се случи доколку има таква одлука од суд.
Инаку, според Законот за Совет на јавни обвинители, одлуката за разрешување на член на Советот ја донесува Советот со најмалку шест гласа, при што за разрешувањето мора да гласале најмалку три члена избрани од јавните обвинители и три члена избрани од Собранието.
Судијата во Врховниот суд Наке Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, како што соопшти ОЈО ГОКК во вторникот минатата недела, се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание по член 359 од Кривичниот законик (КЗ) и против нив е отворена истрага.
Акцијата и отворањето истрага, според ОЈО ГОКК, уследиле откако син на обвинет во предмет што се води во ова Обвинителство пријавил дека првоосомничениот во случајот, односно врховниот судија Наке Георгиев, ветувал погодности за неговиот татко и лажно прикажале со второосомничениот дека ќе извршат влијание.
Според информации на медиумите, случајот го пријавил синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој во март годинава со поголема група беше осомничен за нелегална трговија со марихуана, кога му беше одреден и притвор.
На Георгиев Кривичниот суд на предлог Обвинителството му одреди 30-дневен притвор, додека на Мемети му беа одредени мерки на претпазливост, односно судот му го одзеде пасошот и му наложи повремено да се јавува на службено лице во Судот.
По завршувањето на рочиштето на кое му беа одредени мерките, Мемети во изјава за медиумите рече дека е во интерес на сите постапката да заврши што побрзо и оти е уверен дека на крајот ќе излезе дека не сторил ништо противзаконски.
„Видете, ова секако дека како човек ме погаѓа, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“,
изјави во четвртокот осомничениот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители.