Најголемиот ривал на Трас во трката за наследник на Џонсон, Риши Сунак, но и самиот Џонсон се дел од имињата со кои се шпекулира дека би можеле на влезат во трка за премиерската функција
Откако британската премиерка Лиз Трас потврди дека заминува од функција по нешто повеќе од еден месец, во јавноста веќе почнаа лицитациите за тоа кој може да ја замени.
Трката за нејзин наследник, пишува „Би-би-си“ се очекува да заврши до крајот на следната недела. Засега сè уште никој не потврдил дека ќе се кандидира, но неколку имиња веќе се споменуваат како можни идни премиери.
Еден од нив е Риши Сунак, кој беше најголемиот ривал на Трас во натпреварот кога се бираше наследникот на поранешниот премиер Борис Џонсон. Сунак беше министер за финансии во владата на Џонсон, но се повлече од таа функција во серијата откази што претходеа на оставката на поранешниот премиер.
Во трката за наследник на Џонсон, тој ги критикуваше плановите на Трас за даночната политика со став дека ќе им наштетат на економијата. Покрај министер, тој претходно бил и пратеник.
„Би-би-си“ во својата анализа пишува дека еден од можните претенденти ќе биде и Џонсон. Иако тој беше принуден да си даде оставка по масовниот бунт на министри во неговата влада и пратеници од Конзервативната партија поради низата скандали, сепак, медиумот анализира дека тој сè уште има сојузници во парламентот и воопшто меѓу партиското членство. Еден од неговите поддржувачи, конзервативецот Надин Дорис, тврди дека Џонсон треба да се врати на премиерската функција бидејќи тој го добил мандатот на изборите во 2019 година. Покрај Дорис, поддршка за враќање на Џонсон досега дале уште четворица пратеници.
И пратеничката Пени Мордоунт се споменува како можна претендентка за функцијата на Трас. Таа беше и во претходната трка за наследник на Џонсон, но иако доби голема поддршка меѓу пратениците, не успеа да избие на едно од првите две места.
Бен Валас, британскиот министер за одбрана, е уште едно име на листата. Тој го привлече вниманието на британската јавност со одлуката Велика Британија уште во раната фаза од руската инвазија на Украина, да го поддржи Киев со оружје и обука на украинските сили. Пред да стане политичар, тој служен како војник во Германија, Кипар, Белизе и Северна Ирска. Иако имаше шпекулации дека тој ќе пројави амбиции за премиер уште по оставката на Џонсон со оглед дека бил меѓу фаворитите на анектите на конзервативците, сепак, се одлучи да не влезе во трката и да ја поддржи Трас.
Министерката за внатрешни работи во владата на Трас, Суела Брејвермен, која вчера си поднесе оставка, исто така, се гледа како потенцијален наследник. „Би-би-си“ анализира дека во нејзината оставка се насетувал индиректен напад кон премиерката Трас. Таа во оставката напиша дека работата на Владата треба да се потпира на тоа дека луѓето ќе ја прифатат одговорноста за своите грешки, што британските медиуми го протолкуваа и како повик до премиерката да го следи нејзиниот чекор и да си повлече од функцијата.
Фото: EPA-EFE/CHRIS J. RATCLIFFE / POOL