Трас е родена во Оксфорд во 1975 година. Мажена е со сметководителот Хју О’Лири, со кого работела заедно. Парот има две ќерки тинејџерки
Британската премиерка Лиз Трас поднесе оставка од функцијата што ја извршуваше нешто повеќе од еден месец.
Како што рече во своето обраќање пред новинарите, „таа ја презеде функцијата во време на голема економска и меѓународна нестабилност“. Трас изјави дека не може да го исполни она за што е избрана и затоа поднесува оставка.
Лиз Трас стана британска премиерка на 5 септември, објави Конзервативната партија. Таа победи во внатрепартиската битка против поранешниот министер за финансии Риши Сунак.
Трас е родена во Оксфорд во 1975 година. Мажена е со сметководителот Хју О’Лири, со кого работела заедно. Парот има две ќерки тинејџерки.
Нејзиниот татко бил професор по математика, а нејзината мајка медицинска сестра. За разлика од нејзините денешни политички ставови со кои дојде лидерската позиција и на премиерската функција како конзервативка, нејзиното семејство било „левичарско“.
Нејзината мајка учествувала во маршевите во кампањата за нуклеарно разоружување и ова движење жестоко се спротивставило на тогашната одлуката на владата на Маргарет Тачер да дозволи инсталирање на американски нуклеарни боеви глави, западно од Лондон.
И самата Трас бил дел од либералдемократите. На конференција на партијата во 1994 година држела и говор за укинување на монархијата.
Меѓутоа, во текот на нејзините универзитетски години на Оксфорд, каде што студирала филозофија, политика и економија, таа се приклучила на конзервативната партија.
Како кадар на конзервативците по неколку неуспешни изборни битки на пониско политичко ниво, по првпат станува пратеничка во 2010 година кога лидер на партијата е Дејвид Камерон. Но, тогаш Трас се соочи и со скандал откако беше мета на обвинувања дека имала афера со пратеникот Марк Филд неколку години претходно.
Меѓутоа, таа ги преживеа тогашните напори од противниците да ја соборат и успеа да го освои пратеничкото место со повеќе од 13 000 гласа.
Во 2012 година Трас влезе и во владата како министерка за образование, а две години подоцна беше назначена во ресорот животна средина.
Во владата на Тереза Меј таа работеше како министерка за правда, пред да премине на чело на Министерството за финансии.
Кога Борис Џонсон, пак, стана премиер таа направи трансфер преземајќи го секторот меѓународна трговија – што значеше и нејзина средба со глобалните политики.
Лани, таа се пресели во едно од најважните министерства во британската влада и стана втората жена шефица на дипломатијата во британската историја.