Градоначалникот Горан Герасимовски, се вели во соопштението, истакнува дека општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат таму каде што има потреба, но проблемот не може да се реши само со дератизација

В понеделник на подрачјето на Општина Центар ќе се врши вонредна дератизација, со цел заштита на здравјето на граѓаните и превенција од заразни болести. Од Општина Центар велат дека претходната вонредна дератизација била извршена минатиот месец.
„Од почетокот на годината Општината спроведе редовна пролетна дератизација на целата своја територија, како и две вонредни акции на локации каде што беше забележано зголемено присуство на глодари. Новата вонредна дератизација ќе се спроведе во понеделник, а од октомври ќе следува и редовната есенска дератизација“,
се вели во соопштението.
Градоначалникот Горан Герасимовски, се вели во соопштението, истакнува дека општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат таму каде што има потреба, но проблемот не може да се реши само со дератизација.
„Последната вонредна дератизација ја спроведовме пред само еден месец, а во понеделник повторно излегуваме на терен. Редовно преземаме мерки, но мора да се отстранат и причините што создаваат услови за појава на глодари. Нередовното чистење на контејнерите и натрупувањето отпад се сериозен проблем. Граѓаните мора редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти и да не оставаат отпад на несоодветни места. Само со заедничка грижа можеме да имаме чист и безбеден Центар“,
вели Герасимовски.
При дератизацијата се третираат шахти, простори околу контејнерите и други ризични точки каде што е забележано или пријавено зголемено присуство на глодари.
„Општина Центар продолжува со засилено следење на состојбата на терен“,
се додава во соопштението.
Вонредната дератизација доаѓа откако денеска граѓани реагираа дека во делот околу трговскиот центар „Буњаковец“ има живи и угинати стаорци и глувци.
